Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини продолжува со процесот на собирање податоци за изработка на Националниот инвентар на јавни згради. Досега се собрани податоци за 2000 јавни објекти, кои беа обработени низ призма на енергетска ефикасност.
Владата и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и Француската развојна агенција, во рамки на Партнерството за енергетска ефикасност на згради (PEEB Cool) реализираше серија работилници како дел од процесот на претставување и координација на активностите за изработка на Националниот инвентар на јавни згради.
Преку работилници во сите плански региони, со вклучување на сите единици на локалната самоуправа, процесот има за цел да обезбеди заедничко разбирање за значењето на инвентарот, начинот на собирање и обработка на податоците, како и улогата на институциите во обезбедувањето точни, навремени и споредливи информации.
Процесот е особено важен за исполнување на националните цели за енергетска ефикасност и климатска акција, како дел од обврските кои земјава ги има согласно Парискиот договор, Софиската декларација и членството во Енергетската заедница.
Инвентарот ќе биде основа и за планирање на обновата на јавните згради, вклучително и за исполнување на целта за реновирање на 3% од јавните згради годишно.
Во рамки на процесот, GIZ обезбедува техничка поддршка за собирање и обработка на податоците од инвентарот на јавни згради во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, МАЦЕФ и Француската развојна агенција, со цел да се создаде основа за дефинирање на националните подцели за подобри, поефикасни и зелени згради.
Националниот инвентар ќе служи како мапа за идните инвестиции во јавните згради. Со тоа, земјава создава основа за поефикасни институции, поодговорно користење на јавните средства и подобри услови за граѓаните