Денес на дневен ред во Собранието се скандалозни измени на Законот за основање на јавно претпријатие Македонска радиодифузија, со кои власта на ДПМНЕ ги елиминира критериумите за професионалност и стручност при избор на директор, очигледно со цел да инсталира уште еден партиски послушник, истакнуваат од Левица.
Со предложените измени, власта, како што оценуваат од оваа партија, го брише условот директорот да има претходно работно искуство во областа на радиодифузијата или електронските комуникации, со што се отвораат сериозни сомнежи за вистинските мотиви на власта.
„Наместо јакнење на професионалните критериуми и институционалниот интегритет, сведочиме опасен преседан, а тоа е намерно разводнување на условите за да се овозможи поставување однапред договорен партиски кадар.
Тука станува збор за минимален професионален стандард за институција што има клучна улога во регулирањето на медиумскиот простор, јавниот интерес и демократските процеси. Ако за управување со комплексен сектор како радиодифузијата веќе не е потребно релевантно искуство, тогаш јасно е дека владата на Мицкоски продолжува со погубната кадровска политика каде главна парадигма е ,,комитет пред квалитет”“
Оваа измена според Левица, не делува како реформа, туку како класичен пример на прилагодување на законите според потребите на поединци и тесни политички кругови. Токму ваквите интервенции, додаваат од таму, ја хранат перцепцијата за корупција, непотизам и партизација на институциите. „Наместо независни и стручни тела, се создава простор за политички послушници без суштинско познавање на областа.
Особено загрижува фактот што медиумскиот сектор и онака со години е програмски слаб, воедно и изложен на политички притисоци, недоверба и институционална ерозија. Во таков контекст, намалувањето на професионалните критериуми испраќа порака дека стручноста повеќе не е важна, туку единствено политичката подобност и лојалност“.
Со вакво рушење на минималните професионални критериуми, како што посочуваат колапсот на институциите е неминовен, а главната вина е во партиите на естаблишментот кои егзистираат единствено врз клиентелизам и партиски вработувања.