Половина година жителите на скопското село Бразда во подножјето на Скопска Црна Гора се жалат дека во период од осум часот наутро до петнаесет часот попладне, не смеат ниту да излезат во двор ниту пак да отворат прозорец оти облаци камена прашина се креваат од каменоломот на Градежното друштво „Гранит“. И седењето внатре, се жалат дека не е спокојно оти бучавата што ја прават дробилките на каменот се слуша и преку затворени врати и прозорци. Интензивно дробење на камен во близина на куќите почнало во декември минатата година, а отприлика толку трае и борбата на жителите за чист воздух и поднослива бучава, но место итни мерки и стопирање на загадувањето тие со месеци се надмудруваат со институциите.
„Не знам што е полошо, дали звукот од кој не можеш да избегаш или прашината. Облаци камена прашна се креваат во одредени моменти и завршуваат во нашите дворови. Бучавата од дробилките, кога ќе зафатат некој покрупен камен, е толку силна што се слуша и со затворени прозорци и врати. Не можеме да си дозволиме да излеземе надвор додека работат дробилките, неподносливо е. Половина година сме заробеници во сопствените куќи“, вели Христијан Тодорвски, чија куќа е на сто педесетина метри од каменоломот.
Една од дробилките е поставена на највисоката точка во овој дел и свртена е кон куќите па правот се разнесува кон нас и кога нема ветер, се жалат жителите
Рудникот на „Гранит“ во Бразда постои колку што постои компанијата, но жителите велат дека никогаш досега немало вакво загадување и олкава бучава. Работите се смениле кога биле донесени нови дробилки.
„Донесоа десет нови дробилки. Три од нив ги поставија веднаш до новите куќи, населени главно од луѓе кои дошле тука да живеат токму за да избегнат загадување. Од тие три, едната е ставена на највисоката точка во овој дел и свртена е кон куќите па правот се разнесува кон нас и кога нема ветер“, се пожали Тодоровски кој кажа дека и пред декември 2025 година каменоломот работел, но само по неколку дена во неделата.
Дворовите околу каменоломот се прекриени со прав
За проблемот нема надлежна институција во која не се обратиле за помош. Почнале од Општина Чучер-Сандево, која ја издала Б- интегрираната еколошка дозвола на „Гранит“. Побарале вонреден инспекциски надзор и мерење на прашината и бучавата.
Каменоломот и куќите во Бразда кои најизложени на прав и бучава
„Општината не одговори во законскиот рок, едноставно не игнорираше, а потоа само кусо кажа дека не може да постапува оти нема инспектор за животна средина па ние го известивме и побаравме помош од Државниот управен инспекторат, од Државниот инспекторат за животна средина, го известивме Народниот правобранител за нашиот проблем, побаравме од Министерството за енергетика да провери дали ‘Гранит’ го почитува договорот за концесија оти сме сведоци дека не постапува како што е пропишано, а побаравме и од премиерот и Владата да ги повикаат институциите да постапуваат“, вели Тодорвски.
ПМ10 честичките и бучавата ги надминуваат максимално дозволените граници, утврди „Г-Лаб“
Додека чекале институциите да почнат да постапуваат, жителите им завршиле половина работа на инспекциите. Сами ангажирале акредитирана лабораторија за еколошки тестирања, а мерењата покажале дека и прашината и бучавата ги надминуваат максимално дозволените граници.
Лабораторија што ја ангажирале жителите измерила и бучава и ПМ10 честички над максимално дозволените граници
„Во одредени моменти нивото на бучава е речиси двапати поголемо од максимално дозволените 55 децибели. Од четири мерни места, на две мерни места анализите покажуваат нивоа на бучава над максимално дозволените. На три мерни места, во три населени куќи во близина на дробилката, мерењата за присуство на ПМ10 суспендирани честички во воздухот покажуваат загадување над максимално дозволените граници. На едно мерно место вредностите на ПМ10 честичките се 104 микрограми на кубен метар наспроти максимално дозволените 50 микрограми на кубен метар“, стои во извештајот од мерењата што ги направила лабораторијата „Г- Лаб“.
Ваквите резултати им ги испратиле на сите институции од кои побарале помош. Прв им излегол во пресрет Државниот управен инспекторат. Направиле вонреден надзор на работењето на Општина Чучер – Сандево и утврдиле дека нема инспектор за животна средина, па целиот предмет е препратен за постапување во Државниот инспекторат за животна средина.
Државниот инспекторат за животна средина не нашол неправилности
Со увид на лице место, но без мерења ги удостоил жителите на Бразда и Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), по прозивките од Државниот управен инспекторат. Од ДИЖС за „Макфакс“ велат дека излегле на терен и утврдиле дека каменоломот редовно врши мерења за загадувањето на животната средина, дробилките се пробно пуштени во работа и при надзорот не се констатирани неправилности, но сепак ги задолжиле одговорните од каменоломот да направат вонредни мерења.
„ГД Гранит АД Скопје, согласно условите утврдени во дозволата, редовно врши мерења во животната средина. Во рамки на оваа дозвола е наведено дека ГД ‘Гранит’ АД Скопје во 2021 година започнал процес на изградба на нова постројка за сепарирање на градежни фракции од компанијата Metso (со челусна примарна дробилка Svedala JM1211 HD и секундарна дробилка Metso Nordberg NP 1213), како и нов систем за отпрашување, односно зафаќање на ситната прашина која се јавува во процесот на дробење и сепарирање на варовник. Овој податок, заедно со детален опис на инсталацијата, е содржан во Барањето за добивање на Б-интегрирана еколошка дозвола од 11.08.2021 година.
Државниот инспекторат за животна средина не констатирал неправилности, но го задолжил каменоломот да направи вонредни мерења
Со оглед на тоа што инсталацијата е пуштена во пробна работа во 2026 година, а по извршени консултации со Општина Чучер-Сандево, ГД ‘Гранит’ АД Скопје започнал постапка за изработка на измена за проширување на Б-интегрираната дозвола, со вклучување на податоци за започнување со работа на оваа инсталација, при што се разгледуваат сите аспекти на нејзиното влијание врз животната средина. Постапката за изработка на Барањето за измена е во завршна фаза и истото ќе биде доставено до Општина Чучер-Сандево за разгледување и донесување решение“, вели генералниот инспектор за животна средина во Инспекторатот, Дарко Блинков, за „Макфакс“.
Инспекторот Блинков, нагласи дека каменоломот доставил два извештаи за мерења на ПМ10 честички и бучава, во 2024 година и во 2025 година кои покажуваат дека не се надминати границите ниту на бучавата ниту на ПМ10 честичките. На одговорните од каменоломот им укажал дека треба да работат според Б-интегрираната еколошка дозвола, посебно во делот за редовно попрскување со вода на сите патишта за движење на возилата и ги задолжил да направат нови, вонредни мерења.
„При инспекцискиот надзор не се констатирани неправилности, а правниот субјект е задолжен да направи вонредни мерења, согласно Б-интегрираната дозвола и извештај од истите да достави во Инспекторатот по што ќе продолжи инспекциската постапка согласно наодите од извештајот“, вели инспекторот Блинков.
Објаснување за случувањата околу каменоломот во Бразда најави и ГД „Гранит“.
(Продолжува)