Ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ соопшти дека очекува цените на авионските билети во летната сезона да останат приближно на ланското ниво.
Компанијата објави дека во фискалната година која завршила во март приходите пораснале за 11 проценти и достигнале 15,54 милијарди евра, додека нето добивката скокнала за 40 проценти, на 2,26 милијарди евра.
Во истиот период, Рајанер превезол 208,4 милиони патници, што е за четири проценти повеќе во споредба со претходната година, и покрај доцнењата во испораката на авиони од Boeing.
Од компанијата наведуваат дека во периодот април-јуни билетите би можеле да бидат околу пет проценти поевтини поради тоа што Велигден годинава бил во март, но во текот на летото се очекува цените да останат главно непроменети.
Главниот финансиски директор Нил Сорахан изјавил дека компанијата е сè поуверена дека нема да има проблеми со снабдувањето со гориво, бидејќи рафинериите го зголемиле производството и пронашле алтернативни извори за набавка.