Во денови кога Македонија е потресена од грозоморни случаи на убиства на жени, фемициди, кога расте насилството врз жените, а институциите потфрлаат во заштитата, повампирените ликови од времето на Груевски, меѓу кои и Миленко Неделковски и Сашо Тасевски, јавно шират навреди, понижувања и омраза кон жените, обвини Каја Шукова, претседателка на Форумот на жени на СДСМ.
Таа побара оставка од Миленко Неделковски од функцијата извршен директор на ФК Вардар.
„Последни жртви на срамни напади и говор на омраза се македонската пејачка Каролина Гочева, како и континуираните навреди, клевети и омаловажувања кон нашата портпаролка и жените од СДСМ. Форумот на жени на СДСМ ги осудува и најавува дека ќе поднесе соодветни пријави. Одговорност мора да има. Бараме Миленко Неделковски веднаш да биде разрешен од функцијата извршен директор на ФК Вардар. Сашо Тасевски да биде соодветно санкциониран и да му бидат блокирани видеата на социјалните мрежи полни со навреди и понижувања за жените“, побара Шукова.
Според неа, сето ова е резултат на политиката на говор на омраза, поделби и пропаганда што со години ја гради ВМРО-ОКГ, со помош на орбановата мрежа на медиуми и ботови и ликови како Латас како медиумски координатор.
„Овие повампирени ликови од времето на Груевски, постојано шират навреди, лаги, конструкции и говор на омраза кон опозицијата, новинари, активисти и жени кои јавно говорат во името на СДСМ или против власта. Армијата на ботови на ВМРО-ОКГ координирано шири клевети, омаловажувања и закани на социјалните мрежи. Станува збор за организирана кампања на омраза и деградација против неистомислениците. Секој што размислува слободоумно, или што ја критикува владата е таргет“, рече Шукова.