Многу жени трпат семејно насилство и молчат поради страв, економска зависност и недоверба во системот


semejno-nasilstvo-ilustracija.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Семејното насилство претставува сериозен општествен и здравствен проблем што бара координиран институционален одговор, поголема доверба во системот и ефикасна примена на Националната стратегија, порачаа учесниците на трибина на тема „Борбата со семејното насилство и насилството врз жената како социјален предизвик: институционален, психосоцијален и вредносен одговор“, нагласувајќи дека жртвите и натаму се соочуваат со страв, недоверба и долгорочни психолошки последици, поради што клучни остануваат превенцијата, навремената заштита и јакнењето на јавната свест.


Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Емилија Ангелова на трибината која е во организација на Форумот на жени на Социјалистичката партија на Македонија, посветена на борбата против насилството, порача дека Националната стратегија за превенција и заштита од родово базирано и семејно насилство претставува клучен документ кој поставува насока, но нејзината успешност ќе зависи од ефикасната имплементација.

Посочи дека стратегијата за периодот 2026–2033 година воведува систематизиран пристап преку акциски и годишни планови, со три главни цели, унапредување на политиките и прибирањето податоци, превенција од насилство и обезбедување ефективен систем на заштита и поддршка за жртвите. Семејното насилство, според неа, не смее да се третира како приватен проблем, туку како сериозна повреда на човековите права, која бара заеднички и континуиран институционален и општествен одговор.

Клучен предизвик, како што кажа, останува имплементацијата, за која се неопходни функционални институции, обучен кадар, брза реакција, координација и доволна финансиска поддршка, но и политичка и општествена волја.

Пратеничката посочи дека многу жени продолжуваат да молчат поради страв, економска зависност и недоверба во системот, нагласувајќи дека е неопходно да се изгради доверба и жртвите да добијат навремена заштита и поддршка.

Претседателката на Форумот на жени на Социјалистичката партија на Македонија, Зорица Јанкуловска, истакна дека насилството не смее да се третира само како институционален, туку и како длабок општествен проблем.

Според неа, насилството не се сведува само на физичка повреда, туку опфаќа и навреди, контрола, страв и молк, при што молкот, како што рече, е негов најсилен сојузник.

Јанкуловска ја посочи улогата на жените во општеството и политиката како клучна во спротивставувањето на оваа појава, потенцирајќи дека жените треба да бидат видливи и активни носители на промени, а не само формално застапени.

Многу жени, додаде, сè уште не пријавуваат насилство поради страв, економска зависност или недоверба во системот, при што нагласи дека јавните личности имаат обврска да испраќаат јасни пораки дека насилството е недозволиво.

Таа порача дека е неопходно да се изгради општество во кое жртвите ќе добиваат поддршка наместо осуда и во кое насилството ќе се препознава и спречува навремено.

Според психијатарката проф. д-р Славица Арсова последиците кај жените жртви на насилство се долгорочни и често се манифестираат преку сложено посттрауматско стресно растројство.

Таа посочи дека менталното здравје на жените е особено чувствително во одредени животни периоди, како што се адолесценцијата, периодот на бременост и по раѓањето, како и перименопаузата, при што дополнителни ризици претставуваат трауматските искуства, вклучително и насилството.

Арсова нагласи дека семејното насилство најчесто трае со години и има различни форми – вербално, физичко, сексуално и економско, оставајќи сериозни психолошки последици кај жртвите, како постојан страв, чувство на небезбедност, вина и недоверба.

Според неа, токму овие состојби често ги спречуваат жртвите да побараат помош или отворено да зборуваат, што дополнително го отежнува нивното препознавање и третман од страна на институциите и здравствените работници.

Таа предупреди на зголемен број случаи во праксата, посочувајќи дека во последниот период сѐ повеќе жени и деца бараат помош поради изложеност на насилство.

Арсова нагласи дека третманот на жртвите бара мултидисциплинарен пристап, кој вклучува фармаколошка терапија, психотерапија и работа во групи за поддршка, со вклученост на психијатри, психолози и социјални работници.

Додаде дека заштитата на менталното здравје на жените е клучна за целокупното општество, нагласувајќи дека здраво општество подразбира грижа за здравјето на мајките и децата, како основа за правилен развој и стабилност.

Настанот имаше за цел да поттикне стручна, институционална и општествена дискусија за унапредување на механизмите за заштита, превенција и поддршка во справувањето со семејното насилство, како и за зајакнување на културата на одговорност, солидарност и достоинство.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK