По вчерашната прес-конференција на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, од партијата велат дека не добиле одговор од раководството на СДСМ, па денес повторно упатуваат прашања до Венко Филипче и СДСМ во врска со наводни фирми и деловни релации во Бугарија.
Од ЗНАМ наведуваат дека молкот на СДСМ, според нив, „ги засилува сомнежите во јавноста“ и отвора прашања за тоа дали зад политиките стојат принципиелни ставови или бизнис и лични интереси.
Партијата бара одговори на следните прашања:
Дали Венко Филипче е сопственик или поврзано лице со фирмата POWER i8 Ltd. во Петрич, со дејност поврзана со недвижности?
Дали семејството Заеви е поврзано со фирмата GOMASIDRA Ltd., исто така регистрирана во Петрич?
Колку фирми на лица блиски до поранешното и сегашното раководство на СДСМ се регистрирани на иста адреса во Петрич?
Какви деловни и економски интереси, како што тврдат, постојат кај овие структури во соседна Бугарија?
Од ЗНАМ повикуваат на јавно обраќање и транспарентни одговори од СДСМ и Венко Филипче, со цел, како што наведуваат, јавноста да биде целосно информирана.
Во реакцијата се додава дека граѓаните, како и членовите и симпатизерите на СДСМ, заслужуваат јасни одговори и целосна транспарентност.
ЗНАМ најавува дека ќе продолжи да ги поставува овие прашања во јавноста сè додека, како што велат, не бидат добиени одговори.