Денеска попладне и Виница ќе се придружи на „Маршот на ангелите“ кој е посветен на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во пожарот во дивата дискотека загинаа 63 претежно млади, а повредени беа над 200 лица.
Како што информираа од здружението на граѓани „16 март 2025“, собирот е предвиден од 16 часот и 45 минути на плоштадот „Ангел Винички“, со што, се повикуваат сите граѓани и поддржувачи, да се приклучат на маршот, кој е предвидено да започне во 17 часот и 5 минути. Организаторите велат дека маршот е повик за вистинска правда и порака дека ваква трагедија никогаш не смее да се повтори.
„Маршираме затоа што зад бројката 63 стојат 63 прекинати животи, неостварени соништа, празни соби и семејства што засекогаш останаа без дел од себе. Затоа што над 500 повредени и преживеани не се бројки во извештај туку луѓе што секој ден живеат со физички последици и трауми од таа ноќ. Маршираме затоа што за ваква трагедија не смее да постои симболична одговорност. Затоа што условна казна не е правда за 63 изгубени животи и стотици уништени семејства. Молчевме доволно. Сега зборуваат ангелите преку нас. Чекорат преку нас. Во сабота и Виница ќе чекори со нас“, пишува во објавата.