Пратеникот Антонио Милошоски на прес-конференција се осврна на, како што го нарече, обвинителскиот скандал познат како „Мазут“ со затворање на предметот за осомничени за криминал тежок 167 милиони евра. Тој изрази и сомнеж за перење на пари и за нанесување штета на животната средина,
Пратеникот наведе дека „одлуката на шефот на ЈО ГОКК, Ислам Абази, е доказ за големото влијание кое што Венко Филипче, Али Ахмети и Зоран Заев се уште го имаат во добар дел од обвинителството и судството“.
Според него, „Ислам Абази како шеф на ОЈО ГОКК, одлучил да го запре овој случај и да не види ни еден доказ“.
Милошоски се осврна и на изјавите на Абази, при што рече дека „Ислам Абази лаже“, објаснувајќи дека според него постојат надлежности на шефот на обвинителството во однос на водењето на постапките.
Тој додаде дека „наместо да го направи тоа, Ислам Абази, дал согласност овој тежок 167 милиони евра случај да се затвори“.
Во своето обраќање, Милошоски посочи дека „досега, во македонското правосудство и обвинителство, не е забележан случај на ваков тежок милионски сомнеж за криминал, којшто се наоѓал во ЈО ГОКК, и е од висок јавен интерес да биде затворен, пред да биде доставен во судот“.
Нагласи дека „секогаш обвинителството одлучувало доказите што ги има да ги презентира во обвинителен акт, а потоа на судските органи да им овозможи да ја донесат конечната одлука“.
Милошоски оцени дека „Ислам Абази, многу очигледно е дека одлуката за затворање на овој случај Мазут, ја донесол врз основа на лукративно политички основи, а не на правни или обвинителски аргументи“.
Тој се осврна и на претходни постапки, наведувајќи дека „пред една година, обвинителството коешто го води тој, побарало притвор за четири лица осомничени во овој случај“.
Во изјавата се наведува и дека „со вакво постапување, обвинителот Ислам Абази, ќе го претвори ЈО ГОКК во обвинителство за извинување на осомничените за тежок криминал, и за плаќање на обесштетување за тоа што биле во притвор“.
Милошоски заклучи дека ваквото однесување на Ислам Абази, само по себе е доволна причина истиот да не одолговлекува и веднаш да поднесе оставка од шеф на ОЈО ГОКК.
Тој додаде дека се додека ова обвинителство го водат личности и обвинители како Ислам Абази, вакви контроверзни одлуки… ќе доминираат, а во сенка ќе паѓа довербата и владеењето на правото.