Британскиот премиер, Кир Стармер, изјави дека нема да се повлече од функцијата, и дека ќе им докаже на своите критичари дека грешат, во време кога се соочува со зголемен притисок во сопствената Лабуристичка партија.
Тој порача дека е свесен за незадоволството и во партијата и кај јавноста, но дека нема намера да предизвика нова политичка криза во Обединетото Кралство. Стармер истакна дека неговата влада мора да направи порадикални промени поради долгогодишна економска стагнација и социјални тензии.
Во говорот во Лондон, тој најави подобрување на односите со Европската унија, подобри можности за вработување на младите и план за национализација на компанијата „Бритиш стил“.
Стармер се соочува со внатрепартиски притисок по слаби локални изборни резултати и појава на иницијативи за негова замена од дел од пратениците.
Опозицијата и дел од партијата го обвинуваат дека е премногу внимателен и дека не успева да ги исполни предизборните ветувања за економија, здравство и миграции.
Дополнително, политичката неизвесност во земјата влијае и врз финансиските пазари, зголемувајќи ги трошоците за државно задолжување.
И покрај тоа, Стармер порача дека ќе остане на функцијата и дека ќе работи на враќање на довербата, додека дел од неговите сопартијци бараат временска рамка за негово повлекување.
Фото: Depositphotos