Германските медиуми пишуваат за нови правила што се воведуваат за приватно туристичко сместување од 2027 година, а кои би можеле значително да го променат начинот на издавање апартмани и куќи за одмор.
Според нацрт-законот, сите приватни издавачи ќе мора да имаат официјален регистрациски број, без кој повеќе нема да можат да ги огласуваат своите објекти на платформи како Booking.com и Airbnb.
Веста веќе предизвика загриженост меѓу туристите, особено Германците кои сочинуваат најголем број странски гости во Хрватска, пишува „Fenix magazin“.
Во Хрватска, приватните апартмани и куќи за одмор во иднина ќе мора да имаат службен регистрациски број. Иако законот сè уште не е официјално усвоен, најавените промени веќе предизвикуваат загриженост меѓу туристите и издавачите низ Европа.
Според моменталниот предлог-закон, новите правила треба да стапат во сила на 1 јануари 2027 година. За ова извести BR24 на 10 мај 2026 година.
Според нацртот, сите приватни издавачи во Хрватска ќе мора да побараат посебен регистрациски број преку онлајн систем. Тој број ќе биде задолжителен за огласување и издавање апартмани, куќи за одмор и други форми на приватно сместување.
Ромео Драгичиo, директор на Хрватската туристичка заедница, изјави за BR24 дека се планира законот да стапи во сила на почетокот на 2027 година, по што издавачите ќе имаат преоден период за регистрација на своите објекти.
Експертот за права на патници Оливер Батлер од Германскиот центар за заштита на потрошувачи Баден-Виртемберг смета дека туристите кои резервираат сместување во 2026 година немаат причина за загриженост.
Новите правила произлегуваат од уредба на Европската унија од 11 април 2024 година, со која се уредува собирањето и размената на податоци за краткорочно изнајмување сместување. Уредбата на ниво на ЕУ почнува да се применува од 20 мај 2026 година, а сите земји членки се обврзани да ја пренесат во националното законодавство.
Целта е зголемување на транспарентноста и безбедноста за гостите, како и обезбедување дека туристичкото сместување се издава согласно прописи и категоризација.
Хрватските власти истовремено сакаат дополнително да ја сузбијат нелегалната дејност и сивата економија во туристичкиот сектор.
Што значи тоа за туристите?
Од 2027 година, гостите ќе можат едноставно да проверат дали сместувањето што го резервираат е официјално регистрирано. Платформите за резервации како Booking.com и Airbnb ќе бидат обврзани да отстранат објекти кои немаат важечки регистрациски број.
Без регистрација, приватните издавачи повеќе нема да смеат да нудат ниту да огласуваат сместувачки капацитети. Секој објект ќе мора да има свој број, а за прекршување на правилата се предвидени санкции, пренесе „Б92“.
Важно е да се нагласи дека новите правила нема да се однесуваат на хотели и кампови.
Поголема безбедност и помалку лажни огласи
Според Оливер Батлер, новата регулатива би можела да има и позитивни ефекти за патниците.
„На платформите за резервација сè почесто се појавуваат лажни огласи и профили. Регистрацискиот број би можел да им помогне на туристите полесно да проверат кој е вистинскиот сопственик на апартманот, што би ја зголемило безбедноста при резервација“, истакна тој.
Според нацртот, туристите кои ќе резервираат нерегистрирано сместување нема да сносат никакви казни ниту правни последици.
Како реагираат Booking и Airbnb?
Платформата Booking.com ја поздрави новата европска уредба, наведувајќи дека таа носи појасни и единствени правила за пазарот на краткорочно изнајмување.
Од компанијата порачуваат дека краткорочното изнајмување има важна улога во туризмот, но дека мора да се води сметка и за влијанието врз локалните заедници.
Сличен став има и Airbnb, кој најави соработка со државните институции и поддршка за „пропорционални правила“ за краткорочно изнајмување.