„Остануваат уште само 20 дена до рокот кој ќе потврди неисполнување на реформската агенда од страна на Мицкоски. Бидејќи нема никакви реформи Христијан Мицкоски повторно ја активираше добро познатата стратегија за мачкање очи на граѓаните за сопствениот неуспех и неисполнети ветување“, велат од СДСМ.
„Прво намерно заострување на односите со Бугарија, создавање тензии и конфликти, наместо градење позиции за напредок на државата. Второ напад кон СДСМ и лажното обвинување дека некој друг е виновен за тоа што владата не спроведува реформи. Мицкоски тврдеше дека опозицијата ја кочи реформската агенда, за потоа самиот да признае дека за реформите не му е потребна опозицијата.
Работите се јасни. Мицкоски има апсолутно мнозинство во Собранието, нешто што самиот постојано го повторува. Како што без консензус ја укина техничката влада, така може сам да ги донесе и сите останати закони и реформи.
За тоа СДСМ не му е потребен. СДСМ му треба само како алиби за сопствениот неуспех и за фактот дека не ги исполнува условите за продолжување на преговорите и отворање на европските поглавја.
Тоа е целата вистина. Мицкоски многу лаже. Како што ветуваше дека ќе го укине Преспанскиот договор без да каже дека тоа значи излегување од НАТО, како што ги лажеше граѓаните дека ќе го врати името во БЈРМ или ФИРОМ, како што лажеше дека македонскиот идентитет е загрозен, така и денес повторно лаже.
Тогаш Мицкоски клечеше и молеше за власт, а денес Македонија е на колена.
Мицкоски не сака Европска Унија. Не сака европски правила, не сака европско обвинителство и европска контрола, затоа што тогаш нема да може да функционира системот на криминал, тендери и злоупотреби, туку ќе мора да има одговорност.
Затоа ги држи граѓаните како заложници на интересите на криминалната група околу него. Но времето на лагите изминува. Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста“, соопшти СДСМ.