Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, „чекори по стапките на Заев“ и е подготвен да ги прифати бугарските барања „на штета на Македонија“.
Според Манасиевски, ваквата политика претставува попуштање пред Бугарија и загрозување на македонските национални и државни интереси.
Манасиевски се осврна и на новата политичка ситуација во Бугарија, наведувајќи дека новиот премиер Румен Радев има „познати ставови“ кон македонскиот јазик, идентитет и историја, и дека Софија нема намера да се откаже од своите позиции кон Македонија.
„Во вакви околности, кога е потребна јасна осуда и цврст став во одбраната на македонските интереси, Венко Филипче избра спротивен пат. Филипче и СДС го избраа антидржавниот, бугарски пат. Наместо да застанат на страната на Македонија, тие испраќат јасна порака дека доколку дојдат на власт, би ги спровеле уставните измени и би прифатиле политики кои се во согласност со барањата на Бугарија. Откажување, попуштање и тргување со најважните национални прашања. Филипче и СДС немаат проблем со овие предавства, заради лични и финансиски интереси. Тоа што Зоран Заев го започна, Венко Филипче очигледно е подготвен да го доврши“, истакна Манасиевски.