Сместен во ридовите кај Коњиц во Федерацијата БиХ, Титовиот бункер, познат и како АРК Д-0, претставува една од најфасцинантните реликвии од Студената војна и една од најголемите тајни на поранешна Југославија.
Подземниот комплекс бил изграден за да го заштити доживотниот југословенски претседател Јосип Броз Тито, како и до 350 членови од неговиот најтесен круг, во случај на нуклеарен конфликт.
Скриен под навидум обична куќа, бункерот се протега 280 метри под земја и зафаќа околу 6.500 квадратни метри. Во неговата изградба биле вложени 4,6 милијарди долари, што денес би изнесувало околу 10 милијарди долари. Граден бил од 1952 до 1979 година, а неговото постоење било откриено дури во 1992 година од страна на Армијата на БиХ, пишува „Курир.рс“.
Што се наоѓа во бункерот?
Проектот започнал во 1953 година по одлука на највисокиот воен врв на СФРЈ. За плановите знаеле само Тито и уште петмина високи функционери – никој друг немал целосен увид во објектот.
До засолништето се стигнувало низ три тешки метални врати, секоја дебела по еден метар. Комплексот се состои од 12 меѓусебно поврзани блокови со станбени единици, конференциски сали, стратешки командни простории и комуникациски центри.
Подземниот град бил дизајниран да овозможи живот шест месеци во случај на нуклеарна војна, со напредни системи за одржување на воздухот и температурата.
Во бункерот има повеќе од 100 простории, оперативни центри, конференциски сали, приватно кино, безбедносни комуникациски соби, како и сопствен систем за вентилација.
Објектот располага и со:
систем за заштита од нуклеарен удар
противпожарен систем
пет телефонски оперативни центри
два резервоари со 50 тони нафта
базен со 170 кубни метри вода
систем за снабдување со техничка и питка вода од природен бунар во планината
таен излез кој не е обележан на мапите
Зошто е избран токму Коњиц?
Бункерот бил изграден во близина на реката Неретва, чија вода и денес е питка, што би овозможило непречено водоснабдување во случај на катастрофа.
Дополнително, Коњиц тогаш се наоѓал во централниот дел на Југославија, што овозможувало полесен пристап од сите делови на државата.
Во близина се наоѓала и фабрика за муниција, а планините што го опкружуваат објектот требало да го амортизираат евентуалниот атомски удар.
Денес е туристичка атракција
Бункерот во 2011 година бил декласифициран и отворен за јавноста, по што станал значајна туристичка атракција.
Денес функционира како музеј и изложбен простор, во рамки на проектот Биенале, со цел да се зачува и претстави неговата историска и техничка вредност.