Сокот од домати може да има повеќе здравствени придобивки отколку што многумина мислат, покажуваат истражувања според кои редовното консумирање позитивно влијае на одредени здравствени параметри.
Овој напиток е богат со ликопен – природен антиоксиданс од доматот, кој според експертите често подобро се апсорбира од преработени производи отколку од свеж зеленчук.
Јапонска студија во која учествувале речиси 500 лица покажала дека редовното пиење несолен сок од домати може да помогне кај лица со покачен крвен притисок, а кај дел од испитаниците било забележано и намалување на LDL („лошиот“) холестерол.
Сепак, експертите предупредуваат дека сокот од домати не е замена за терапија и дека треба да се внимава при изборот на производ, бидејќи многу индустриски сокови содржат додадена сол.
Лицата со бубрежни заболувања, рефлукс или чувствителен желудник треба да бидат внимателни и да се консултираат со лекар пред почеста консумација.