Реализирана симулациска вежба за заштита и спасување „Да ја спасиме иднината“ во ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија


682379778_965979395820090_2865620278862399573_n.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Симулациска вежба за заштита и спасување под мотото „Да ја спасиме иднината“ беше реализирана во ООУ „Владо Кантарџиев“, со учество на над 500 ученици, со цел подигнување на свеста и подготвеноста за соодветна реакција во услови на кризни ситуации.

Во рамки на вежбата беа изведени повеќе активности што ги опфатија клучните сегменти на системот за заштита и спасување. Учениците и наставниот кадар имаа можност да се запознаат со постапките за противпожарна заштита, евакуација и безбедно згрижување на повредени лица, како и со техники за пребарување на преживеани под плитки урнатини. Дополнително, беше демонстрирано укажување прва помош и психолошка поддршка, со што се заокружи практичниот пристап кон едукацијата за справување со вонредни состојби.


Симулациската вежба се организира по подолг временски период во општина Гевгелија и претставува значаен чекор кон јакнење на координацијата и подготвеноста на институциите и граѓаните. Во нејзината реализација учествуваа повеќе субјекти: Општина Гевгелија, ООУ „Владо Кантарџиев“, Територијалната противпожарна единица Гевгелија, Доброволното противпожарно друштво „Свети Спас“, Дирекцијата за заштита и спасување- Подрачна единица Гевгелија, како и Црвениот крст на Република Македонија- Општинска организација Гевгелија.

Ваквите активности имаат особено значење за создавање култура на превенција и навремена реакција, особено кај најмладата популација. Преку практична демонстрација, учениците стекнуваат знаења и вештини кои можат да бидат од клучно значење во реални ситуации.

Во наредниот период, вакви симулациски вежби ќе бидат организирани и во останатите основни училишта, како и во детските градинки на подрачјето на општина Гевгелија, со цел унапредување на безбедноста и подготвеноста на целокупната заедница.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK