Излезе најновото- априлско издание на општинскиот весник „Гевгелиски магазин“, коe донесува повеќе информации и написи за случувањата и активностите во општина Гевгелија. Насловна тема на 110. издание се зголемените капитални инвестиции, така што со слика и збор се информира за најновите инвестициски вложувања во стопанството во општината. Пред сè, станува збор за новоотворениот трговски центар „Гевгелија мол“, претстојното отворање на „Мега шопинг парк- Гевгелија“ и поставувањето камен-темелник на светски познатиот супермаркет „Лидл“ во Гевгелија. Но, исто така, внимание е посветено и на реализацијата на повеќе инфраструктурни зафати за подобрување на комуналната и патната инфраструктура, како во градот, така и во населените места.
Месечникот ги регистрира и сите актуелности и активности на локалната самоуправа – од успешната буџетска реализација и зголемените капитални инвестиции, па сè до одржаните средби и јавни трибини на актуелни теми. Во посебен прилог, јавноста може да се запознае со работењето на локалната самоуправа во текот на 2025-2026 година. Но, и со реализацијата на три големи и значајни проекти во Гевгелија и општината. Меѓу нив се реставрацијата и реконструкцијата на Старата чаршија, која е во завршна фаза, како и претстојната изградба на нов урбан парк крај Сува Река. Од проектите кои заслужуваат внимание, секако, е и прогласувањето на црквата „Св. Атанасиј“ во Габрово за споменик на културата, како и обезбедените средства за нејзина реставрација.
Најновиот број на „Гевгелиски магазин“, преку посебен прилог, информира и за активностите на младите и нивните проекти, како и за постигнатите резултати на бројни домашни и меѓународни натпревари. Воедно, содржи богата културна рубрика со преглед на културните настани во општината, како и спортска хроника за успесите на гевгелиските спортисти. На страниците „Омнибус“, списанието информира за повеќе интересни настани и личности од изминатиот период во општина Гевгелија.
Линк до изданието во електронска верзија: „Гевгелиски магазин бр. 110“