Опозициската СДСМ обвини дека поранешниот премиер Никола Груевски подготвува ново бегство, додека премиерот Христијан Мицкоски, според нив, сѐ уште не презел конкретни чекори за негово враќање во земјава.
Од партијата тврдат дека во услови кога, како што наведуваат, блиски луѓе до унгарскиот премиер Виктор Орбан префрлаат средства во трети држави, Груевски подготвува заминување во нова земја.
„Додека во Унгарија луѓето на Орбан масовно бегаат и префрлаат пари во Обединетите Арапски Емирати и други далечни земји, Никола Груевски, осудениот криминалец, подготвува ново бегство“, соопштија од СДСМ.
Од таму велат дека Груевски, кој, според нив, поседува повеќе пасоши, планира да замине во трета држава, сценарио за кое тврдат дека го најавувале подолг период.
Партијата упати директни обвинувања кон премиерот Мицкоски, наведувајќи дека не е испратено ниту едно барање за екстрадиција.
„А што прави Мицкоски? Сѐ уште не испратил ниту еден документ за екстрадиција, ниту ново барање“, наведуваат од СДСМ.