Сиљановска-Давкова го прогласи за отворено 38. издание на Саемот на книгата


Откако извиси за Кепа, Баерн тргна по голманот на Севилја
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прогласи за отворено 38. издание на Саемот на книгата, којшто годинава под слоганот „Отвори прозорец кон нови светови“ се одржува од 23 до 29 април во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.


Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова нагласи дека книгата претставува суштински носител на човечката мисла и култура, чија основна улога е да го пренесе духот од еден човек кон друг, од едно поколение кон следното и од една епоха кон вечноста.

За претседателката, книгата е ризница во којашто не се чуваат злато и сребро, туку идеи, сознанија, визии и надежи. „Во неа разговараат мудрецот и детето, владетелот и сиромавиот, поетот и научникот, оној што сонувал и оној што страдал“, додаде таа.

Според Сиљановска-Давкова, книгата не нѐ учи само да читаме редови, таа нѐ учи да ги читаме и разбираме времињата нагласувајќи ја нејзината тивка, но длабока и трајна моќ да влијае врз човекот и развојот на неговиот карактер.

Таа оцени дека општествата кои негуваат култура на читање создаваат услови за поголем развој и напредок, го почитуваат достоинството на слободата на мислата и затоа кога библиотеките се живи, духовниот живот не згаснува.

„Денешниов ден нè обврзува да ја сочуваме книгата од заборав, да го заштитиме авторското право како едно од највредните, но за жал, и најнезаштитените” – порача претседателката.

Отворањето на Саемот на книгата, започна со сплет од народни песни, во изведба на хорот на детската градинка „Детска радост“.

Покрај претседателката, на 38. Саем на книгата се обратија Зоран Љутков, министер за култура и туризам, Даниела Глигоровска, извршна директорка на Скопски саем, Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи, писателката Оливера Ќорвезировска и писателката од САД, Сара Пеканен.

На саемот ќе се претстават повеќе од 65 издавачки куќи со над 130 наслови од домашни и странски автори.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK