Началникот на Воената управа на Луганската област, Олексиј Харченко, ги отфрли руските тврдења дека московските сили целосно ја зазеле оваа источна украинска регија, наведувајќи дека 14 населени места сè уште не се под руска окупација. Началникот на Генералштабот на руската армија, Валериј Герасимов, вчера изјави дека неговите сили „целосно ја завршиле“ окупацијата на Луганската област, што руското Министерство за одбрана го тврдеше и на 1 април.
Во изјава за Кијив Индепендент, Харченко истакна дека дел од Луганската област и понатаму е под контрола на украинските вооружени сили, кои „таму веќе долго време не изгубиле ниту педа земја“. Според него, 14 населени места во регионот не се под руска контрола и се наоѓаат во активни борби, во таканаречена „сива зона“ или под контрола на Украина.
„На Русија ѝ се потребни значајни победи на бојното поле до 9 мај, кога го слави Денот на победата. Но, такви нема. Затоа окупаторите се обидуваат пустите желби да ги прикажат како реалност“, изјави Харченко. Тој додаде дека украинските сили се стационирани во областите Новојегоривка и Хрекивка.
Портпаролот на украинската Трета одвоена јуришна бригада, Олександр Бородин, исто така потврди дека областите што ги спомена Харченко, како и селото Надија, остануваат под украинска контрола. Во изјава за Интерфакс Украина на 21 април, тој наведе дека тоа е така и покрај постојаните руски напади и тешките загуби.
„Според тоа, руските тврдења не се точни“, порача Бородин. Исто така, групата за следење на фронтот DeepState на своите мапи од 20 април ги прикажала истите населени места како неокупирани.
Прецизното утврдување на контролата на територијата станува сè потешко поради ширењето на таканаречената „сива зона“ меѓу украинските и руските позиции.
Луганската област е дел од украинскиот Донбас и една од четирите региони што Русија ги прогласи за свои. Руските сили окупираа поголем дел од регионот од почетокот на конфликтот во 2014 година, а во септември 2022 година Москва прогласи анексија на Луганската и Доњецката област.
Русија и натаму бара Украина да ги повлече своите сили од целиот Донбас, вклучително и од областите што сè уште се под контрола на Киев. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави на 1 април дека претседателот Володимир Зеленски треба „уште денес“ да донесе одлука за предавање на регионот.
Ова барање следуваше откако Зеленски изјави дека Русија му дала рок од два месеца на Киев да ги повлече силите од Донбас, во спротивно ќе се соочи со дополнителни услови во мировните преговори со посредство на САД, кои се запрени поради тековниот конфликт во Иран.