Прачистанскиот манастир крај Кичево го враќа својот сјај – нов иконостас и успешна реставрација на фреските


partenie
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По речиси три години од иницјативата, манастирот Пречиста во Кичево доби нов резбан и ,позлатен иконостас, со што е нзаокружена една фаза од возобновувањето и зачувувањето на ова значајно светилиште на МПЦ-ОА. Паралелно завршена е и една од најкомплицираните реставрации на фреските од олтарот на црквата, кои до пред некоја година беа во распаѓање поради влагата што допираше до внатрешноста на црковните ѕидови.

Овие значаијни активности се на иницијатива на сестринството во манстирот, епископот Партениј и сега покојниот митрополит Тимотеј. Она што е особено значајно е што реставрацијата на фреските се прави со средства на црквата, што е редок пример кога таа инвестира во споменик на Културата, каков што е овој манастир.


Возобновувањето на иконостасот пак е со помош на семејство од Скопје.

Фрескоживописот на олтарот и иконите од иконостаост се од XIX век, дело на големиот Дичо Зограф. Овој манастир е особено значаен и поради огромна духовна, но и национална улога што ја одиграл во будењето на македонскиот народ во XIX и почетокот на XX век – време особено значајно за поновата историја.

Живописот на Дичо Зограф не е класична фреска изработена врз свеж малтер, што е особено трајно. Тој, како и повеќето зографи од неговото време, сликал врз веќе подготвен малтер, техника позната како al secco, која е многу почувствителна и потешка за зачувување и одржување.

Владиката Партениј, неодамна на една од службите во манастирот посочи како и зошто е направена реставрацијата на фреските.

-Живописот во олтарот беше во особено тешка состојба. Имаше сериозно распаѓање, бидејќи во олтарот владееше голема влага. Затоа, со блаженоупокоениот дедо Тимотеј се договоривме, и тој ни даде благослов, најнапред да се отстрани влагата од подот и да се обнови подната конструкција. Потоа започнавме потрага по сериозна и стручна фирма којашто ќе може да ја изврши таа сложена работа за реставрација и заштита на ѕидниот живопис. И, слава Му на Бога, таква фирма се најде. Со Божја помош, живописот за следните сто години ќе биде сочуван. Гледате како денес изгледа прекрасно – како токму сега Дичо Зограф повторно да ги насликал овие свети ликови. Ова особено го истакнуваме, бидејќи денес со нас е и почитуваниот градоначалник на Кичево, таткото на градот, г. Александар Јовановски, како и пратеникот од Кичево г. Ѓорѓија Сајкоски и други претставници од државната и локалната власт. Овде е присутен и проф. д-р Сашо Цветковски од МАНУ, истакнат стручњак за сликарството од XIX век, а особено за делото на Дичо Зограф. Тој има напишано томови книги за неговото творештво, и се надеваме дека, со помош на благоверни луѓе кои ќе посакаат да помогнат, ќе напише и книга токму за оваа реставрација. Тој е човекот што најмногу ми помогна со својата стручност, покажувајќи и докажувајќи дека реставрацијата е навистина стручно изведена. Целата документација беше уредно подготвена, преведена од англиски и грчки на македонски јазик, и испратена во МАНУ. Потоа беше претставена и во Министерството за култура. И треба да се истакне дека, колку што знам, за првпат едно вакво големо меѓународно реставраторско дело беше платено со црковни средства – односно со манастирски средства, кои дедо Тимотеј ги собирал за манастирот. Затоа, градоначалниче, пратениче и сите претставници на македонската власт, ве замолувам да ги поддржувате вашите сестри монахињи, бидејќи тие се овде за вас. Откако дојдоа, макотрпно работат на сите полиња. Така беше и за ова големо дело – реставрацијата на овие драгоцени живописи, кои претставуваат национално богатство, изјави епископот Партениј.

Паралелно со реставрацијата на фреските се работеше и на промена на иконостасот. Поранешниот иконостас беше обично дрво, без уметничка вредност. Сегашниот иконостас е резба, позлатена со 24-каратно злато. Овој голем и скап потфат, траеше три и пол години.

Владиката Партениј вели дека овој потфат е дар на христијани од Скопје, семејството Мојсоски. Горан и Андријана сами понудиле помош за изработка на новиот иконостас, откако претходно разбрале дека постои желба да биде заменет стариот иконостас.

-Кога дојде, значи, на славата на Рождеството на Пресвета Богородица, ѝ рече на мајка Харитина: ’Те молам, викни го Старецот, сакам нешто да му кажам.‘ Излегов од олтарот, и ми рече: ’Дедо Партениј, разбрав дека сакате да направите убав, резбан, позлатен иконостас. Ве молам, би сакал јас да го помогнам тоа дело.‘ И така, еве, по две и пол години, пред нас стои едно величествено уметничко ремек-дело. Слава Му на Господа што нѐ удостои, како поколение, во името на целиот наш народ, да Му принесеме еден ваков прекрасен дар на оваа вековна светиња на Пресвета Богородица, просејќи ги нејзините застапнички молитви. Денеска, Горан и неговата благочестива сопруга Андријана не се присутни овде, но затоа тука се неговите родители, Владо и Зоре, од кои произлегло тоа благородно срце. Се разбира, иконостасот допрва ќе биде свечено претставен, кога ќе бидат присутни и нашите драги Горан и Андријана. Има уште некои финеси што треба да се довршат, и кога сѐ ќе биде готово, ќе направиме свечена презентација на целиот иконостас. Но, погледнете сега колку поубаво доаѓаат до израз иконите од Дичо Зограф! Се чини дека рамките, заедно со целата структура на иконостасот им се совршено погодени. Мене никогаш не ми изгледале толку убаво: по двесте години, конечно ја добија својата вистинска рамка. Да се молиме за Горан, за неговата сопруга Андријана, за нивните родители и деца, Господ да ги благословува и чува. Горан не даде од својот одвишок, туку од трудот на своите раце. Знам многу имотни луѓе, но не секој има такво срце. Ако сите имавме таква љубов, ќе оставевме навистина многу зад нас и ќе се обележевме како народ што знае да Му го принесе на Бога најубавото, изјави неодамна вадиката Партениј.

Инаку, иконите на Дичо Зограф на иконостасот, исто така, постепено се реставрираат со манастирски средства и со трудот на сестрите. Во тој контекст Партениј посочува дека им е потребна поддршката, за да сите  се радувааат не само на овие материјални богатства, кои, секако се и духовни, туку и на живото Божјо дело, кое ќе остане да сведочи и понатаму.

Извор https://religija.mk/prachistanskiot-manastir-kraj-kichevo-go-vraka-svojot-sjaj-nov-ikonostas-i-uspeshna-restavrzatsija-na-freskite/

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK