„Индепендент“: Грчките власти ќе ги ослободат британските туристи од новиот систем за влез


depositphotos_680399916_xl-1.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Грчките власти одлучија да ги ослободат британските туристи од примената на новиот систем на Европската унија за регистрација на влез и излез (EES), со цел да се намалат толпите и да се олесни пристигнувањето на посетителите пред летната туристичка сезона, објавија денес британските медиуми.


Според Грчката национална туристичка организација, оваа мерка има за цел да обезбеди „побрз и поефикасен влез“ за британските државјани, а воедно значително да го намали времето на чекање и да го намали метежот на аеродромите.

Наместо биометриска регистрација, која вклучува земање отпечатоци од прсти и снимање на лице, британските патници во Грција ќе поминат низ стандардна пасошка контрола со печат на документи, според британскиот „Индепендент“.

Директорката на Грчката национална туристичка организација во Велика Британија, Елени Скарвели, изјави дека се очекува оваа одлука особено да придонесе за подобар проток во текот на летните месеци, кога некои аеродроми на грчките острови опслужуваат до 2.000 британски патници дневно.

Според податоците за 2025 година, Грција ја посетиле речиси 38 милиони странски туристи, што е зголемување од 5,6 проценти во споредба со претходната година, додека бројот на посетители од Велика Британија се зголемил за речиси осум проценти, на 4,89 милиони.

Системот EES, кој стапи на сила на 10 април во 29 европски земји, беше воведен за да се спречи кражба на идентитет и други сериозни кривични дела, но веќе предизвика проблеми на бројни аеродроми, забележува „Јуроњуз“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK