(Фото) Мигранти во долги редици во Шпанија: ја користат шансата што им ја даде Санчез


13918230.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Мигранти низ цела Шпанија вчера се редеа во долги редици за да аплицираат за програмата за масовна легализација што ја започна владата.


Мерката, објавена во јануари и завршена овој месец, би можела да опфати стотици илјади странци кои живеат и работат во земјата без дозвола. Програмата нуди едногодишна дозвола за престој, обновлива, на мигранти без регуларен статус, доколку можат да докажат дека живееле во земјата најмалку пет месеци и немаат криминално досие.

Апликациите може да се поднесат до крајот на јуни во повеќе од 370 пошти, 60 канцеларии за социјално осигурување, некои канцеларии за миграција и преку интернет. Шпанската влада проценува дека програмата би можела да опфати околу 500.000 мигранти, додека шпанскиот тинк-тенк Функас верува дека бројот би можел да достигне дури 840.000 луѓе.

Апликантите во Мадрид и Барселона го опишаа процесот како во голема мера уреден, но некои ги критикуваа долгите чекања дури и откако имаа закажани термини. Шпанскиот премиер Педро Санчез ја нарече програмата за амнестија „чин на правда и неопходност“. Тој нагласи дека луѓето кои веќе живеат и работат во Шпанија треба да го прават тоа „под еднакви услови“ и да плаќаат даноци.

Владата ја брани мерката како економска одлука што ја има поддршката на работодавачите и синдикатите, бидејќи на земјата ѝ се потребни дополнителни работници за да го одржи економскиот раст и да го финансира социјалниот систем. Овој пристап е во значителен контраст со оној во другите делови на Европа, каде што многу влади се обидуваат да го ограничат доаѓањето на мигранти и да го зголемат бројот на депортации.

Населението на Шпанија значително се зголеми во последните години, а еден од пет жители, или околу 10 милиони луѓе, е роден во странство.

Многумина доаѓаат од Латинска Америка и Африка, особено Колумбија, Венецуела и Мароко, бегајќи од сиромаштија, насилство или политичка нестабилност. Денес, тие работат во клучните сектори на шпанската економија, вклучувајќи земјоделство, туризам и услуги.

Стапката на невработеност во Шпанија падна на најниско ниво за 18 години во последниот квартал од минатата година. Таа беше 9,93 проценти, најниско ниво од финансиската криза во 2008 година, која ја погоди Шпанија особено силно. Сепак, таа останува една од највисоките стапки на невработеност во Европската Унија.

Ова не е прв пат Шпанија да спроведе мерка за регулирање на статусот на мигрантите. Тоа го стори шест пати помеѓу 1986 и 2005 година, вклучително и за време на конзервативни влади.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK