Со цел да се спречат оние скршеници кои може да се спречат, лекарите утрово од Ортопедската клиника „Мајчин дом“ во Скопје повикаа граѓаните да си закажат снимање со новиот апарат за остеодензитометрија и да проверат дали имаат остеопороза. Марта Фотева, специјалист ортопед, рече дека нашата земја не е исклучок од светскиот тренд на пораст на заболените од остеопороза па повика на редовни прегледи за да се открие и лекува.
„Целта на третманот на остеопорозата е да се спречат скршеници затоа што тие трошоци кои го вклучуваат лекувањето можат да се избегнат, болничко лекување, операции многу лекови, ортопедски помагала, рехабилитација, тоа се огромни трошоци кои покрај емотивните и физички хендикепи, предизвикуваат пациентите да не можат да продолжат со својот нормален живот. Значи првиот чекор е да ја дијагностицираме остеопорозата, да можеме да ја следиме, а тоа можеме само со апарат за дензитометрија. Ние како ортопедска клиника бевме предводник во лекувањето и дијагностицирањето на остепорозата, започнавме уште пред дваесет години. Нашиот апарат беше веќе многу стар па пред една година престана и да работи. На стручниот колегиум со директорот Мерџановски се дискутираше за набавка на нов апарат кој што е современ и ќе може да одговори на нашите потреби и тоа се направи. Клиниката со сопствени средства набави нов современ апарат за дензитометрија со кој што сега можеме да ги следиме нашите пациенти“, рече Фотева која се надева дека во соработка со Министерството за здравство ќе успеат да направат и регистар на пациенти со остеопороза за да можат полесно да ги следат.
Фотева верува дека има огромен број пациенти кои чекаат на вакво снимање иако досега нивните пациенти ги покривале со останатите четири вакви апарати во Скопје.
„Секогаш ќе има малку чекање, дензитометријата не е некоја итна метода како операциите што ги правиме, да мора денес да се направи. Затоа се фокусираме на тоа возрасните луѓе, кога ќе си најдат термин, да дојдат да си се прегледаат и да откриеме дали имаат остеопороза“, рече Фотева.
Директорот на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Игор Мерџановски, вели дека покрај операциите што се прават кај нив, земјата влегува во фаза на превенција за да се спречи пациентите да стигнат до операција.
„Би сакал да кажам дека 13 апарати се на ниво на целата Република, пет се наоѓаат во Скопје. Многу мал е бројот на апарати кои се за превенција за луѓето кои имаат болести на коските, посебно после педесеттата година. Покрај тоа што Клиниката за ТОРИЛУЦ лекува пациенти оперативно, конзервативно, веќе влеговме и во новата фаза со превенција каде што ќе направиме една нова патека и сите овие пациенти нема да дозволиме да дојдат на оперативен стол ако превентивно ги следиме и со овој апарат“, рече директорот Мерџановски.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, рече дека е посебно значајно кога хирург како Мерџановски става фокус на превенција.
„Доктор Мерџановски е познат по ставањето колкови, така да кажам, народски. Го започна тоа во Општата болница Гостивар, се труди да го направи подобро работењето на Општата болница Прилеп. Посебно ме радува кога еден ортопед хирург става фокус на превентивата. Тука зборот не е за колку колкови, дали има колкови и колку се чека за колкови туку да имаме помалку скршени колкови и други скршеници. Му благодарам што како хирург ја препознава вредноста на превенцијата“, рече директорот Клековски.
Министерот за здравство, Азир Алиу, кој заедно со Клековски и Мерџановски беше во посета на Клиниката, рече дека новиот остео скен е уште еден доказ дека „здравството поблиску до граѓаните“ не е само слоган и оти власта секојдневно докажува дека гради здравствен систем кој превенира.