Дамокловиот меч над Иран
Над Иран и над целиот Блиски Исток повторно се собираат темни облаци. Ситуацијата на Блискиот Исток наликува на тајмер на бомба кој отчукува и се заканува да го сруши целиот Блиски Исток. Што ги очекува Иран и регионот во наредните критични недели? Дали ќе бидеме сведоци на раѓањето на Нов Блиски Исток?
Од една страна, постои голема веројатност од воен конфликт меѓу Иран со САД и Израел и истиот да прерасне во голем регионален конфликт, а од друга страна, во Иран имаше невидени внатрешни немири како резултат на тешката економска ситуација, кои што го поделија Иран.
Иранскиот претседател нареди разговори со САД, кои се очекува да се одржат во Турција или Оман во петокот. Иран со посредство на Турција, Русија и Катар успеа да договори преговори со САД. Пред почетокот на преговорите се разменуваат закани, а денес САД срушија иранско беспилотно летало кое се обидело да влезе во безбедносната зона околу американскиот носач на авиони Абрахам Линколн и ударната група.
Пред преговорите Трамп го заострува својот притисок врз Иран за да му даде на Хамнеи, како што велат во филмот „Кум“, понуда што не може да ја одбие. Иран се заканува дека ќе ги нападне Израел и сојузниците на САД во случај на американски напад, додека Саудиска Арабија предупреди дека нема да се преправа дека е Катар и дека целосно ќе одговори на ирански напад врз нејзина територија. А Израел изјавува дека е подготвен сам да спроведе воена операција против Иран.
Пред преговорите со Иран, Американскиот пратеник за Блискиот Исток, Виткоф, денес слета во Израел за да се сретне со Нетанјаху и други израелски безбедносни претставници.
Четирите принципи на договорот што израелските претставници ќе му ги презентираат на Виткоф се:
1. Трансфер на збогатениот материјал на Иран, 400 килограми високо збогатен ураниум, во друга земја (Русија. Иран е согласен на тоа и таа опција и ја предложи на Москва).
2. Запирање на збогатувањето на ураниум во Иран.
3. Значителни ограничувања на производството на балистички ракети – и нивниот дострел.
4. Запирање на финансирањето и поддршката за иранските филијали на Блискиот Исток, како што се Хезболах и Хутите.
Пораката што ќе му биде пренесена на Виткоф: силен договор е оној што ги вклучува сите четири од овие компоненти.
Израелските официјални лица се уверени дека ова е историска можност или воено да се собори иранскиот режим или да се постигне договор што вклучува голем број важни компоненти за безбедноста на целиот Блиски Исток.
Но треба да се има предвид дека мандатот за преговори даден од Пезешкијан, по директна наредба на Хамнеи, ја опфаќа само нуклеарната програма на Иран, што е спротивно на барањата на САД и Израел. Американците, од своја страна, сакаат да воспостават ниво на нула збогатување и значително да ја намалат иранската програма за балистички ракети. Не е јасно како можат да се надминат овие суштински разлики помеѓу САД и Иран.
Иран е спремен да преговара само за нуклеарната програма, односно ограничувања на збогатувањето на ураниумот до 20%.
Истовремено САД продолжуваат да разместуваат дополнителни сили на Блискиот Исток. Дополнителна армада плови кон Блискиот Исток. Се распоредуваат додатни системи ПВО MIM 104 Patriot и ПРО THAAD. Вкупниот број на американски воени транспортни летови во регионот во последните две недели веќе надмина 110. САД префрлија MIM 104 Patriot батерии од Јапонија. Плус додатни 24 борбени авиони ид 5-та генерација Ф-35. Од посебна важност е дека од еден од двата постоечки извидувачки авиони RC-135U, дизајнирани за неутрализирање на непријателските радари, слета во Катар.
Иран од друга страна врши ракетни проби, и ги мобилизира шиитските милиции и групи ширум Блискиот Исток.
САД и Иран во моментов се во позиција каде што можат да преговараат, дури и ако не се очекува позитивен исход. САД се уште не го завршиле своето воено зајакнување во регионот и им е потребен канал за комуникација со Иран, а за Иран преговорите имаат и стабилизирачки ефект на економски план.
Но времето работи против Иран. САД и Израел имаат јасна цел. САД и Израел покрај воената опција на располагање имаат и друга опција. Целта е да се задуши иранската економија, која веќе е во слободен пад. Затоа, понатамошното влошување на нејзината состојба е најдобриот начин да се принуди Техеран или да се предаде или да се сруши како резултат на економскиот колапс.
Односите на Техеран со Москва и Пекинг се далеку од сојузнички со обврски за заштита, и се сомневам дека тие ќе го поддржат Иран и економски и воено доколу САД и Израел во претстојната војна.
Понудата на САД и на Израел значи капитулација на Иран, и практично предавање без борба. Иран со голема веројатност ќе го одбие предлогот на Трамп, и регионалната војна на Блискиот Исток ќе биде неизбежна. Иако Иран нема големи шанси во директна војна против САД и Израел, и нивната воена супериорност, пред се воздушна, технолошка и разузнавачка, Иран ќе избере борба пред капитулација.
Автор: Тодоровски Дарко – Воен аналитичар. Истражувач, докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација