Здружението за субкултура ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП, организатор на фестивалот „Прилеп Џез викенд“ (Prilep Jazz Weekend), ја информира јавноста дека Министерство за култура одлучило да не го поддржи фестивалот во годината кога требаше да се одржи неговото 15-то, јубилејно издание.
Од здружението наведуваат дека по 14 години континуирана институционална поддршка, ваквата одлука не може и не смее да се третира како изолиран случај. Според нив, Prilep Jazz Weekend не е експериментален или привремен проект, туку фестивал со историја, публика, јасна програмска визија и препознатлив културен идентитет, кој повеќе од една деценија ја гради културната сцена во Прилеп и пошироко.
Во соопштението се поставуваат низа прашања до надлежните институции, меѓу кои дали културната политика на државата оди кон централизација и маргинализација на културните настани во помалите градови, дали континуитетот, квалитетот и публиката сè уште се релевантни критериуми при распределбата на јавни средства, како и дали комисиите што одлучуваат се навистина независни и стручни.
Од здружението оценуваат дека со вакви одлуки културата надвор од главниот град не се развива, туку, како што наведуваат, „се гаси тивко, без објаснување и без одговорност“. Тие додаваат дека ова не е само удар врз еден фестивал, туку порака до културните работници во внатрешноста дека нивниот долгогодишен труд и резултати лесно може да бидат игнорирани.
Во соопштението се нагласува дека Prilep Jazz Weekend ќе продолжи да постои благодарение на публиката, идејата и упорноста, но дека јавноста има право да знае зошто институциите се откажуваат од докажани културни вредности, особено оние што доаѓаат надвор од центарот.
Од Здружението бараат транспарентност, образложение и одговорност, порачувајќи дека културата не смее да биде жртва на молк, бирократија и селективна поддршка, туку право што мора да биде достапно насекаде.