„Безбедни жици за загрозени птици“: ЕВН Македонија и Македонското еколошко друштво со нов меѓународен проект за заштита на глобално загрозените видови птици


evn_354354
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

ЕВН Македонија во партнерство со Македонското еколошко друштво (МЕД), Електроразпределие Југ (дел од ЕВН групацијата во Бугарија), Бугарското друштво за заштита на птиците (BSPB) и Турското друштво за природа (DOGA), го разви меѓународниот проект „Безбедни жици за загрозени птици“ (Проект 101216021 — LIFE24-NAT-BG-EP for Birds LIFE) во рамките на програмата LIFE на ЕУ. Целта на проектот е да се поддржи зачувувањето на глобално загрозените видови на Царскиот орел (Aquila heliaca, класифициран како ранлив според Меѓународната унија за зачувување на природата) и Египетскиот мршојадец (Neophron percnopterus, класифициран како загрозен според Меѓународната унија за зачувување на природата) преку надградба и обезбедување на ризичните надземни далекуводи во земјите учеснички. Партнерите дополнително ќе соработуваат и со четири компании за дистрибуција на електрична енергија од Турција.

Проектот беше одобрен од Европската комисија меѓу рекордно голем број поднесени предлози (137) во категоријата „Природа и биодиверзитет“. Ќе се имплементира во период од пет години (2025–2030), во 48 важни подрачја за птици и биодиверзитет (IBA/KBA/други национално заштитени подрачја) во Северна Македонија, Бугарија и Турција и 14 заштитени подрачја од мрежата Натура 2000 во Бугарија. Кај нас, проектот ќе се спроведува во регионите Овче Поле, Градско, Тиквешкиот регион и Демир Капија, кои се клучните области за размножување, миграција и презимување на царскиот орел и Египетскиот мршојадец во земјата.


За сите земји учеснички е предвидена изолација од вкупно 17.000 опасни електрични столбови и инсталирање на 2.500 дивертери на надземни водови, со што се покриваат 100 % од националните гнездечки популации на Царскиот орел и 80 % на Египетскиот мршојадец во трите земји партнери во проектот. Во нашата држава ќе се постават изолатори на 3.000 столбови од дистрибутивната мрежа и 1.000 рефлектирачки уреди (дивертери) на надземни далекуводи.

Во рамки на проектот се предвидени нови технологии за поставување изолатори на столбовите од дистрибутивната мрежа и примена на најсовремени научни пристапи за следење на влијанието на овие мерки за заштита. Методите ќе бидат споделени со меѓународната заедница и реплицирани на други локации по должината на миграциските патишта на овие два глобално загрозени видови.

Сите активности за поставување изолатори на дистрибутивната мрежа за птиците во Северна Македонија, Бугарија и Турција се првенствено наменети за заштита на Царските орли и на Египетските мршојадци, но ќе имаат влијание и врз многу други видови, односно, сите птици што се размножуваат, мигрираат или зимуваат во рамките на проектните области.

ЕВН Македонија и Македонското еколошко друштво ги поврзуваат техничките и еколошките аспекти за заштита на птиците во државата. Преку вакви заеднички проекти и иницијативи, досега се надградени вкупно 220 индивидуални столбови (15 км изолирана мрежа) за заштита на птиците од струен удар и се поставени гнездечки платформи за белиот штрк, како и куќарки за гнездење на модровраната.

Оваа активност се спроведува во рамките на проектот EP for Birds LIFE (Проект 101216021 — LIFE24-NAT-BG-EP for Birds LIFE) кофинансиран од програмата LIFE на Европската Унија.

Информации за проектот: ЕВН Македонија – EP_Project_Birds

Египетски мршојадец (Neophron perconpterus)

Царски орел (Aquila heliaca)

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK