Жената што ги излажа невенчаниот сопруг и полицијата дека ѝ го украле бебето од Клиника може да добие 3 години затвор

Жената-што-ги-излажа-невенчаниот-сопруг-и-полицијата-дека-ѝ.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

23-годишната скопјанка што вчера пријавила дека нејзиното бебе е исчезнато од скопските клиники ќе се гони за кривично дело „лажно пријавување на кривично дело“. Ова дело е казниво по член 366 став 1 од Кривичниот законик, кој гласи: „Тој што ќе пријави друг дека сторил кривично дело за кое гонењето се презема по службена долж-ност, а знае дека не е сторител, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“.


Обвинителството од судот побара да и бидат одредени мерки – забрана за напуштање на домот, обврска на осомничената да се јавува повремено на определено службено лице и привремено да и се одземе пасошот.

Жената пријавила дека во јули годинава се породила со машко дете на Гинекологија. Рекла дека детето било задржано на клиника, а таа во повеќе наврати го посетувала сама. Откако пред два дена, нејзиниот невенчан сопруг побарал да го види бебето, го излажала дека тоа е на Клиниката за детски болести. Отишле таму, но им рекле дека такво бебе не било примено и донесено на лекување на клиниката. Потоа отишле и на ГАК, од каде по направените проверки им рекле дека осомничената воопшто не била примена ниту породена на таа клиника.

„Со преземените дејствија по наредба на јавен обвинител беше утврдено дека осомничената го довела во заблуда нејзиниот партнер и лажно пријавила дека нејзиното новородено дете исчезнало односно било одземено од непознати лица, иако знаела дека тие не се сторители на кривично дело, со што постои основано сомнение дека осомничената е сторител на – Лажно пријавување на кривично дело“, велат од обвинителството.

Против невенчаниот сопруг нема пријава.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со вчерашниот случај, министерот за внатрешни Спасовски беше дециден.

„Ако погледнете низ ретроспектива, кога доаѓа време за избори, во Северна Македонија ни се случуваат вакви работи за коишто се мотивирани одредени личности, структури итн. Не мора да бидат само политички мотивации, може да бидат и од други аспекти. Јас ќе ве потсетам пред три, четири години кога имаше избори, почнуваа отворање теми за мигранти, грабнување на деца, разно разни активности”, рече Спасовски.

Притоа, тој ги појасни случаите за лажно пријавување за грабнување на деца.

„Пред неколку дена имавме состојба во којашто имаше лажна пријава дека има грабнување на деца. Беше приведен сторителот, го призна делото. Сега имаме нова лажна вест, наводно има исчезнато дете од детската клиника. Апсолутно лажна вест, се преземаа низа мерки во рамките на СВР Скопје. Работеше Одделот за насилен криминал, притоа се направија проверки на Клиниката за гинекологија и акушерство. Се направи проверка на детската клиника и се направи проверка кај матичниот гинеколог кај пријавителот. Се утврди дека апсолутно е лажна вест и лицето е приведено и ќе сноси најголема одговорност. Апелирам, со вакви работи коишто предизвикуваат немир, неспокој и несигурност кај граѓаните, да не се служиме, инаку ќе има најжестока реакција од страна на институциите”, истакна Спасовски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK