Барањето на синдикалците минималната плата да биде 450 евра новиот министер за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека ќе се разговара на првата седница на економско – социјалниот совет. Министерот Дурмиши не кажа за кога е планирана првата седница, но уверува дека на дневен ред ќе бидат сите отворени прашања и од сидикатите и од работодавачите.
„Во рамки на економско-социјалниот совет со кој сега ќе претседавам јас како министер за економија и труд, кое е највисоко тело составено од претставници и од синдикатите, работодавачите и од владата, ќе почнеме дијалог за сите отворени прашања и од страна на синдикатите и од страна на работодавачите. Со реорганизацијата што се прави сега со новата Влада ќе се формираат нови членови и ова прашање на првиот состанок ќе биде ставено на маса за дискусија. Кака Влада од особено значење ни е социјалниот дијалог односно вклучување на сите засегнати страни при креирање на новата мерка за ова прашање. Мора да ги имаме предвид интересите на работниците, но и интересите на бизнис секторите“, рече министерот Дурмиши.
Тој извести дека во меѓувреме продолжува процесот за подготовка на новиот закон за работни односи и законот за безбедност при работа. Дурмиши извести дека од денес па натаму ќе се посвети преку креирање мерки да почне нов циклус за економско заживување на државата и подобрување на работничките права.
Со новата реорганизација главен фокус на Министерството за економија и труд ќе биде засилена поддршка на индустријата, креирање мерки за микро, малите и средните компании, зголемување на конкурентноста на бизнисот, внатрешниот пазар, трговијата, како и поддршката на работодавачите, креирање мерки и политики за вработување, подобрување на пазарот на труд и заштита на работничките права.
Ќе продолжи финансиската поддршка за инвестициите за домашните и странските компании регулирана со Законот за финансиска поддршка кој е во надлежност на ова Министерство.
„ Планираме постапката и условите за добивање државна помош да бидат ревидирани во насока на поголем износ на поддршка за домашните компании што извезуваат и компаниите од секторите за конкурентна предност“, вели министерот Дурмиши.
Во наредниот период Дурмиши најави дека ќе поднесе барање до Државниот завод за ревизија за целосна ревизија на работењето на Министерството за економија почнувајќи од 2015 година кога последен пат е направена целосна ревизија на работењето на Министерството од страна на Државниот завод за ревизија. Целта на ревизија е и тие и јавноста да видат како се работело во време на претходната власт.