Вработените во Мeдиумската информативна агенција – МИА денеска излегоа на предупредувачки протест со барање за зголемување на платите.
– Првпат во 25-годишното постоење на МИА вработените се принудени преку протест да бараат остварувања на нивните права. Денешниот предупредувачки протест е поради игнорантскиот однос на Владата кон барањата за зголемување на платите согласно Колективниот договор и усогласување со трошоците за живот, изјави Марина Илиевска, вработена во МИА и член на ИО на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Таа информираше дека МИА повеќе месеци чека барањето за зголемување на платите да биде ставено на дневен ред на седница на Влада.
– Зголемувањето на платите во МИА е предвидено во планираните расходи за плати утврдени во Финансискиот план за 2023 година односно за тоа не се потребни дополнителни финансиски средства од Буџетот, дополни таа.
Илиевска посочи дека поради потпросечните плати и неодобрувањето на нови вработувања, МИА веќе се соочува со одлив и недостаток на кадар.
Павле Беловски, претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ, синдикат организатор на протестот, изјави дека ССНМ дава огромна поддршка, бидејќи, како што рече, „МИА е бисер во синдикализмот во македонското новинарство“.
– Тука го имаме единствениот колективен договор што е изработен и потпишан и нуди унапредување на работничките права и заштита на работничките права. Јас се надевам дека нема да застанеме тука и ќе најдеме трајно решение за проблемот МИА, бидејќи проблемот МИА тлее 25 години, со оглед дека МИА е во вазална состојба секогаш кон Владата, бидејќи буџетирањето доаѓа од таму, рече тој.
Беловски дополни дека се надева оти овој протест ќе биде само импулс, а тоа е со носење на Закон за МИА со кој, како што рече, еднаш засекогаш ќе се раскине врската на финансирање Влада-медиум, а буџетирањето на МИА ќе биде со предвиден процент договорен однапред, односно со пари на граѓаните при што граѓаните ќе ја плаќаат содржината и контентот што го произведува МИА, а не Владата.
– Се надевам дека од тука ќе почнеме и ќе резултираме со изработка на Закон за МИА, нешто на што целиме, како што успеавме колективен договор да потпишеме, а се надевам дека многу брзо ќе седнеме на маса и ќе разговараме за Закон за МИА и нашите колеги ќе ја добијат потполно независноста, уредувачката политика и планирањето и растот на нивните плати, бидејќи МИА, да не заборавиме, остварува и приход со нивното квалитетно работење, дополни тој.
Од МИА најавија радикализирање на протестите доколку не се наиде на разбирање и одговор од надлежните, како и барање за решавање на други проблеми кои што постојат во Агенцијата, покрај барањето за зголемувањето на платите.
Синдикатот на Медиумски Информативни агенции-СМИА, кој е репрезентативен синдикат на МИА, исто така, веќе подолго време преговара за нов Колективен договор преку кој се предвидува зголемување на платите.
– Минатата година во преговорите и договорот со Владата СМИА успеа преку систематизацијата да се избори за покачување, а оваа година со поддршка на најголемиот Сојуз во државава Сојуз на синдикатите на Македонија – ССМ, очекуваме реализација на вториот дел од договореното, преку Колективниот договор да се зголемат платите и да се прилагоди со Општиот колективен договор, кој, за жал, во моментов не важи за АД во државна сопственост како што е МИА, велат од СМИА.
Оттаму дополнуваат дека СМИА е во постојана комуникација со менаџментот на МИА со цел успешна реализација на барањата за кои наскоро, како што посочија, очекуваат позитивен одговор.
– СМИА е во постојана комуникација со менаџментот на МИА со цел за успешна реализација на нашите барања за кои наскоро очекуваме позитивен одговор и нема да дозволи да се злоупотреби името на синдикатот како што беше вчера злоупотребено дека сме организатори на протест. СМИА преку Сојузот е партнер со најголемите синдикати во државава и отворени сме за соработка со сите кои официјално ќе побараат поддршка или партнерство со нас, велат оттаму.
Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ, неодамна соопшти дека дава целосна поддршка на Синдикатот на медиумски и информативните агенции – СМИА и Управниот одбор на МИА, во нивните заложби за зголемување на платите на вработените во МИА.