– Активностите на политичките партии во земјава летово не стивнуваат и покрај пеколните температури, во очекување на разврската со уставните измени од една страна и барањето за брзи избори наесен на опозицискиот блок од друга страна, или претседателски избори на пролет, а потоа и парламентарни, како што инсистира власта.
Деновиве се во фокусот на уставните измени, но во ваков комплекс на општествени случувања (уставни измени во изборна година и крстосница околу преговорите за ЕУ), на површина излегуваат и не така наивни теми како онаа со рудникот Иловица, апсења и случаи со корупција и криминал, повторно тврдења за можни прислушувања…
Меѓу последните примери за лов на можни политички поени беше и несобирањето на сметот од главниот град од страна на вработени во Комунална хигиена, кои протестираа поради отпуштања. На терен тоа се претвори во „политичка битка“, во која освен директорката на јавното претпријатие и градоначалничката на Скопје очекувано поради бројот на градоначалници беше вклучена и опозициската партија. Па така, скопјани освен што сметот го гледаа по нивните улици, тој беше главна вест на сите медиумски и комуникациски канали.
Најголем дел од партиите веќе одамна ги почнаа своите активности на терен и организираа средби со граѓани – СДСМ и коалицијата имаа кампања „Рамо до рамо“, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Ова е Македонија за сите“, зелената ДУИ организира средби со членовите за да ја стабилизира состојбата во партијата по дејствувањето на „Огнената група“, но активности имаат и Левица, Беса, Алијанса на Албанците, Алтернатива, ЛДП која подготвува изборна платформа…
Дел од т.н „огнена група“ на ДУИ најави дека на 13 август ќе формира ново политичко движење, а во јавноста излегоа информации дека тоа ќе го направат и други лица од политиката.
Иако на пролет треба да има претседателски избори пред парламентарните, тие како да се во сенка на се што се случува на политички план. Официјалниот одговор од партиите е дека сѐ уште нема разговори за можни каднидати. Актуелниот претседател Стево Пендаровски има мошне импресивна кампања на социјалните медиуми од официјални активности и средби со граѓани, како и неговата сопруга.
Во јавноста се шпекулира и за други имиња, но нема никакви потврди, барем засега. Се забележува само дека одредени политичари го зголемуваат своето присуство како на терен, така и на социјалните медиуми. Како на пример министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вицепремиерот Фатмир Битиќи, Стојанче Ангелов, но и некои од скопските градоначалници, кумановскиот градоначалник Максим Димитревски и други.
Освен на терен, политичката битка во пресрет на неизвесноста што доаѓа се води и на интернет. Социјалните мрежи, како Фејсбук, Инстаграм, Тикток, Твитер се користат за споделување на активностите и средбите со граѓани, но еден од поновите трендови се и веб – страните кои сами си ги „полнат“ некои од политичарите, како на пример вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, но и премиерот Димитар Ковачевски. Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, пак, на младите ќе им се приближува преку подкаст наречен „УМСTalks“, и преку теренски активности.
Освен споделувањето на активностите само со кусо пребарување може да се забележи дека веќе има граѓани кои на свој начин „лобираат“ за своите фаворити, не водејќи сметка дури и за вокабуларот и начинот како го прават тоа.
Од владејачката СДСМ за МИА велат дека тие се постојано на терен, со граѓаните.
-„Рамо до рамо“ со народот стана одлика на партијата и така планираме да продолжиме и во иднина. Активностите ќе продолжат и во наредниот период, секако прилагодени на летниот период, потенцираат од владејачката партија.
СДСМ избра нов организациски секретар и летниот период партијата ќе го користи и за нови оперативни активности.
-Во изминатите три месеци, реализиравме интензивни теренски активности „Рамо до рамо до победа“, одржавме над 980 средби во исто толку населени места, месни и урбани заедници. Со над 100 тимови, секој ден бевме меѓу граѓаните, да го чуеме нивниот глас, да зборуваме за нивните потреби. Дополнително, одржавме и десетина тематски трибини „Резултати што прават разлика“ на коишто заедно со стручната јавност и со граѓаните разменивме мислења, идеи за креирање нови политики на СДСМ. Наидовме на одличен прием, граѓаните ни ги пренесоа нивните ставови, дел од нив имаа и конструктивни критики и забелешки кои ние со внимание ги забележавме, посочуваат од владејачката партија.
По сите овие забелешки, предлози, посочени проблеми, но и добронамерни критики, како што потенцираат од СДСМ, постапувале одговорно.
-Овој летен период го користиме истите да ги анализираме, да ги систематизираме и за сите нив да најдеме решенија по коишто веднаш ќе постапуваме. Тоа е нашата книга по која ќе се водиме. Секако дел од овие предлози, идеи, политики ќе влезат во следната предизборна програма на СДСМ за изборите во 2024 година. Во тек се веќе оперативни средби за детектираните проблеми и соодветните решенија, деновиве ќе следува формирање централни партиски тимови, задолжени за секоја општина, кои заедно со локалните организации на СДСМ и со граѓаните ќе работат на решавање на детектираните потреби или укажани проблеми, велат од СДСМ.
Осврнувајќи се на амандманите на Уставот, од партијата нагласуваат дека процесот на уставни измени е значаен за продолжување на европскиот пат на земјата и СДСМ како државничка и одговорна партија ќе направи се за тој да биде успешен и да станеме земја членка на ЕУ до 2030 година.
СДСМ, потенцираат од партијата, ги користи сите канали за комуникација, директно со граѓаните, но и преку медиумите, традиционалните и дигиталните платформи, социјални мрежи, дигитални медиуми…
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува теренска офанзива и посети од врата на врата, а првите луѓе на партијата веќе одржуваат средби со коморите, синдикатите и други општествени чинители.
-Ќе имаме една теренска офанзива каде што ќе посетиме многу граѓани, а веќе е започната и во наредните денови ќе кулминира со тоа што ќе одиме од врата на врата зборувајќи со граѓаните. Во наредниот период, исто така ќе имаме доста средби со коморите, синдикатите и со сите заинтересирани општествени групи кои сметаат дека треба да има промени во ова општество, а на коишто ние ќе им ја доставиме нашата платформа. Ќе побараме поддршка и ќе упатиме на нашите решенија. Ќе започнеме и полека да ја припремаме кампањата односно програмата на ВМРО-ДПМНЕ за наредните избори и во овој момент и ќе започнат тематските трибини заедно со Унијата на млади сили која што ќе разговара со различни општествени групи од аспект на младите. Исто како и досега ќе бидеме присутни на терен, изјави за МИА пратеникот Бојан Стојановски.
ВМРО-ДПМНЕ минатата недела објави дека на младите ќе им се приближува со подкаст наречен „УМСTalks“.
-Младите луѓе, не гледаме вести, не седиме пред малите екрани, не чекаме да дојде 16 часот, 18 часот или 23 часот за да пуштиме вести туку најголемиот дел од нашето време и местата од каде се информираме претставуваат социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб, Тик – Ток и сите останати. Па така, ние како политички подмладок доколку сакаме млади луѓе да не слушаат треба да го менуваме и нашиот начин со кој комуницираме со младите луѓе. Прв таков пример беше создавањето на весникот „Мегафон“ со кој се трудиме цело време да го надградуваме со подобрување на неговата веб страна и слично“, истакна претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Сергеј Попов во подкастот на УМС.
Од Алијанса на Албанците за МИА информираат дека независно кога ќе се одржат изборите, остануваат во редовна комуникација со граѓаните и нивното членство, преку различни активности и комуникациски формати.
-Овој период следува интензивна реорганизација на целата територија, следуват избори на ограноците на Младинскиот Форум и Собрание на жените, а по зголемениот број на нови членови се врши и регистрација и систематизација на новите членови по нашите ограноци и партиски органи. Исто така овој период имаме и средби со граѓани каде нашите функционери, директно ги слушат нивните предлози, забелешки и барања за зголемување на перформансот на нашето владеење и решение на нивните проблеми, информираат за МИА од АА.
За комуникација тие остануваат отворени за сите медиуми, преку директни изјави, прес- конференции, учество во емисии, како и на социјалните медиуми за објавување и промоција на нивните пораки, планови и активности.
-Цениме дека директната и редовната комуникација е најдобар начин за запознавање со потребите на граѓаните и исполнување на истите. Освен тоа остануваме посветени на отворањето на европскиот пат преку гласање на уставните измени, како и борбата против криминал и корупција и процесот на реформите, велат од АА.
Од политичката партија Левица за МИА информираат дека во периодот што претстои ќе пристапат со разноликост во своите активности и дејствување. Најавија дека ќе продолжат да ја шират инфраструктурата отворајќи нови канцеларии во Струга и Демир Хисар.
-Пред сѐ, овие простории се места за интелектуална и политичка интеграција на членството во идејното јадро на демократскиот социјализам, но, и места каде раководството и членовите ќе бидат во контакт со тамошното население – каде што ќе се сретнат со граѓаните, ќе ги слушнат нивните грижи и потреби и со заеднички напори ќе се гради одлучниот одговор за стабилизација на државата и повторно обединување на критичката маса, нејзино образување и насочување, наведуваат од Левица.
Во текот на летото Левица ќе организира трибини со експерти, акцентирајќи го научниот пристап во лоцирање на проблемите, нивната артикулација и, како што посочуваат од партијата, конечно решавање, независно од самата природа на проблемот.
За прашањата од социјален, еколошки, економски карактер според нив потребен е стручен пристап кој ја вклучува широката јавност и кој е ослободен од бизнис влијанија.
-Ваквите трибини, посветени на дебата за општествените и социјални проблеми, ќе се организираат и во останатите градови, со што ќе биде вклучен широк спектар на мислења и перспективи. Целта е да се остварат конструктивни дискусии и да се пронајдат најдобрите решенија, велат од Левица.
Според нив, приликите укажуваат и на потребата од постојана мобилизираност на партиската структура со цел спречување на погубните процеси кои се наметнуваат над државата.
Ова лето од Левица најавуваат и средби со нивните партнери од европската левица, како начин, како што велат, „за спремање на теренот за ревитализација на македонските меѓународни позиции“.
Симона Србиноска
Елизабета Вељановска Најдеска