Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов денеска на прес-конференција за втори април најави протест кој ќе започне од пред седиштето на ССМ и ќе заврши пред Врховниот суд.
„Работниците и граѓаните имаат избор и немаат повеќе изговор да не учествуваат на ниту еден од протестите кои ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија. На втор април се организира протест кој ќе започне од пред зградата на Работничкиот дом и ќе заврши пред Врховниот суд. Да им покажеме на судиите дека треба да се одважат, правото и правдата мора да победи и дека треба што е можно побрзо да донесат нова пресуда со која ќе го вратат Работничкиот дом на работниците, на оние кои го граделе“, рече Трендафилов.
ССМ пред еден месец достави до Основниот граѓанскиот суд Скопје предлог за повторување на постапката врз основа на, како што кажаа, нови докази.
„Во вторник ќе ги охрабриме да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом од работниците и за доделување на државата. На државата не и треба уште една зграда, и требаат работници, и требаат синдикати“, кажа претседателот на ССМ.
На осми април Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита организира протест од пред зградата на ССМ и ќе заврши пред Министерството за здравство, каде што ќе кажат дека не се задоволни од претстојното усогласување на платите
„Одредени сектори како дејноста здравство нема да добијат усогласување на нивните плати со порастот на минималната плата. Нема да добијат ниту во дејноста образование, ниту во полицијата и неколку други дејности. Повеќе од 20 илјади работници во здравството остануваат без никакво усогласување на нивната плата со порастот на минималната“, рече Трендафилов.
ССМ и оваа година на 1 мај излегува на улица.
„Ќе им кажат на сите оние кои претендираат да ја водат државата што бараат и што очекуваат од нив. Жалосно е да не ги слушнат работниците, а и работниците да не ја искористат можноста јасно и гласно да им кажат на претендентите кои сакаат да седнат во пратеничките клупи и во владините фотелји што треба да направат за нив во наредниот период. Очекувањата се 450 евра најмалку минимална плата во првите сто дена од новата Влада со политичка одлука за измена на законот, други измени, ќе се врати храната, ќе се врати превозот за работниците и ќе се извади надвор од бруто платата неправдата која се направи во 2009 година, а работниците ќе добијат дополнителни финансиски средства“, додаде тој.