Седмиот протест „Србија против насилство“ ќе биде во Белград, Нови Сад, Крагуевац и Ниш со блокада на сообраќајот

protest
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Пратениците на опозицијата на прес-конференција соопштија дека седмиот протест „Србија против насилство“ ќе се одржи в сабота, во Белград, Нови Сад, Крагуевац и Ниш, со блокада на сообраќајот на повеќе места, јави дописникот на МИА од Белград.

Пратеникот Мирослав Алексиќ од НС изјави дека протестот ќе се одржи в сабота, пред Собранието.


-Оттаму ќе се упатиме по булеварот Крал Александар до Славија, преку Славија до Автокоманда, и долж автопатот кон Мостарска Петља, рече Алексиќ, додавајќи дека ќе се обратат јавни личности и жртвите на режимот.

Најавени се собири и во Нови Сад, Ниш, Крагуевац.

-Оваа недела, покрај Белград, акцијата ќе се одржи и во овие три града во Србија. Ова е предупредување до надлежните да не го игнорираат протестот, бидејќи акцијата ќе ја продолжиме и во наредните недели. Или насилството ќе престане или Србија ќе застане, рече тој.

Алексиќ изјави дека сообраќајот ќе биде прекинат во четири града од 18 до 21 часот и оцени дека што се однесува до барањата на протестот, властите продолжуваат да се потсмеваат со граѓаните.

-Жељко Митровиќ (ТВ Пинк) најавува дека ќе го продолжи своето реално шоу. Очигледно е дека Митровиќ е помоќен од Вучиќ во оваа земја. Оваа седница (собраниска) денеска беше прекината и тие испраќаат порака дека навистина не се грижат за граѓаните, рече тој.

Алексиќ рече дека опозицијата има план и дека начинот на обраќање на претседателот Вучиќ нека му послужи во негова чест.

-Она што го очекуваат граѓаните е нешто што ги засега и неговите гласачи. Со покажувањето ароганција покажува дека ниту овие гробови ниту оваа трагедија не се доволни за да се вразуми. Нема да се откажеме, рече тој.

Пратеничката Мариника Тепиќ, од опозициската ССП, кажа дека некои граѓани веќе заминале на одмор, дека некогаш ќе има помалку, а некогаш повеќе граѓани на протестите.

-Втурнувањето во таа матрица за броење е замка на СНС и Александар Вучиќ. Можеше ли некој да замисли дека 80.000 или 40.000 луѓе ќе излезат на улица? Нон-стоп ќе бидеме таму и нема да учествуваме во пребројувањето. Не дозволувајте да паднеме во тие стапици, рече Тепиќ.

Организаторите на протестот „Србија против насилството“ претходно најавија дека следниот протест ќе биде поостар.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK