РКЕ ја одреди цената на струјата за наредните шест месеци, од 1 декември повторно евтина дневна тарифа

rke
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Сметката за струја што ја плаќаат домаќинствата со просечна потрошувачка од 1 јули ќе биде пониска за 4,26 отсто, а доколку ДДВ-то за електричната енергија се врати на 18 отсто ќе биде повисока за 2,5 отсто. Евтината дневна тарифа за домаќинствата ќе стартува од 1 декември годинава и ќе биде во периодот од 13 до 15 часот.

Ова е епилогот од вчерашната главна седница на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на која беше донесена одлуката од 1 јули годинава  за 7,04 проценти да се намали вкупната цената на електричната енергија во првиот блок со вкалкулирана енергија и мрежарина, во вториот блок да биде поевтина за 4,09 проценти, додека во третиот блок да има зголемување за 2,54 проценти, а во четвртиот блок цената да биде повисока за 2,42 проценти.


Како што информира претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, доколку од 1 јули се врати ДДВ-то за струјата од 10 на 18 отсто тоа ќе значи зголемување за 2,5 отсто на крајната сметка што ја плаќаат домаќинствата со просечна потрошувачка ако, пак, остане ДДВ-то на 10 отсто ќе значи намалување на крајната сметка за 4,26 отсто. Според него, од 1 декември со стартот на дневната евтина тарифа ќе следи линеарно намалување за 5 проценти на сметките.

– Во апсолутен износ ДДВ-то влијае 7 проценти. За едно просечно домаќинство со просечна потрошувачка намалувањето на цената на струја без ДДВ е 4,26  проценти, а влијанието заради ДДВ-то, вкупниот трошок со ДДВ е 2,5 проценти. Се обидовме да бидеме максимално креативни и да го ублажиме зголемувањето на ДДВ-то кое од 7,2 проценти го сведовме на 2,5 проценти како вкупен трошок, рече Бислимоски.

Нагласи дека цените на електричната енергија во евтината тарифа остануваат речиси идентични, додека кај малите потрошувачи заради заокружувањето има промена, односно минимално зголемување од 0,38 проценти. За малите потрошувачи, како што кажа, крајната цена ќе се зголеми за 0,3 проценти бидејќи ДДВ-то нема влијание зашто прават поврат на ДДВ.

-Математички пресметано за домаќинствата со вклучено зголемено ДДВ во првиот блок има намалување на цената за 0,28 отсто, во вториот блок има зголемување на цената од 2,88 отсто, во третиот блок зголемување од 9,99 отсто, а во четвртиот блок зголемување од 9,87 отсто. Кај домаќинствата со просечна потрошувачка влијанието на зголеменото ДДВ е 2,5 проценти, прецизира Бислимоски.

null

Најави дека од 1 декември се враќа и евтината дневна тарифа за електричната енергија во периодот од 13 до 15 часот. Тоа, како што рече, е максимумот што можело да се направи и очекуваме во наредниот период да почне промената на броилата.

-Евтината тарифа не ја воведуваме од какви било политички причини, туку заради сигналот на цената на електрична енергија на сите берзи во Европа, вклучувајќи ја и нашата. Дневната цена на електричната енергија осум месеци наназад е пониска дури и од цената после 24 часот, рече Бислимовски.

Претседателот на РКЕ очекува до декември Електродистрибуција да ги заврши сите процедури за воведување евтина дневна тарифа и најголем дел од граѓаните да можат да стартуваат со услугата уште на 1 декември.

Најави дека ќе инсистираат во наредните година до две Електродистрибуција да ги смени сите постари броила и да постави броила со далечинско  отчитување на нивен трошок кој потоа ќе биде вкалкулиран во трошоците што им ги признава РКЕ. Со тоа, сите промени ќе можат веднаш да се имплементираат и ќе нема потреба од рачно прилагодување и читање на броилата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK