Усогласување на пензиите согласно објавените податоци од Државниот завод за статистика во ноември 2021 година, линеарно зголемување од 3.500 денари на основицата на пензијата и минималната пензија да биде 18.000 денари, како и веднаш да се укине Сојузот на здруженија на пензионери, побараа од Иницијативниот одбор на пензионерите од денешниот протест пред Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Делегација на пензионерите беше примена во МТСП и во моментов се на средба.
Како што истакнаа на протестот, Сојузот не ги застапува интересите на пензионерите и затоа побараа да се укине членарината од 30 денари и средствата за солидарен погреб од 150 денари месечно наместо во Сојузот да се плаќаат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Побараа и двојно да се зголеми надоместокот за туѓа нега, да се зголеми надоместокот за социјална помош на лица кои останале без работа се до остварување на правото на пензија, поведување иницијатива за промена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и утврдување на најниска пензија согласно просечната плата и животните трошоци. Покрај тоа, побараа на позитивна листа да се внесат лековите за срцевите болни, за дјабетичарите и за ретки болести.
Во земјава, беше посочено дека има 336.000 пензионери и дека за секој од нив се потребни 42.000 денари на годишно ниво за линеарно покачување на пензиите. Протестот во Скопје, на кој има пензионери од сите краишта во земјава, почна пред Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија со барање за оставка од претседателката по што се упатија кон Министерството за труд и социјална политика за да побараат средба со министерката Јованка Тренчевска.
Изминатиот период, пензионерите протестираа во своите градови изразувајќи незадоволство од процентуалното зголемување на пензиите. Минатата година беше донесена нова методологија за пресметка на пензиите согласно која сега во септември пензиите треба да се зголемат за шест проценти.