– Претседателот на државата Стево Пендаровски со својот правен тим ќе ги разгледа измените на законите поврзани со коридорите 8 и 10д донесени вчера од Собранието, посочуваат од МИА од Кабинетот на претседателот наведувајќи дека бидејќи станува збор за повеќе закони за тоа ќе бидат потребни неколку дена. Дури потоа претседателот Пендаровски ќе излезе со став и ќе каже дали и кои укази ќе бидат потпишани.
-Вчера попладне во Кабинетот на претседателот се пристигнати законите. Во следните денови ќе бидат разгледани од претседателот и ќе биде донесена одлука дали и кои укази ќе бидат потпишани. Бидејќи се повеќе закони ќе треба неколку дена претседателот да ги разгледа со својот правен тим, истакнуваат за МИА од Кабинетот на претседателот.
Собранието вчера на продолжението на 115. седница ги донесе измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.
Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со 62 „за“ и 44 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.