Вкупно 8,8 милиони евра ќе изнесува финансиската поддршка на последниот ИПАРД 2 повик што ќе биде објавен денеска. Крајниот рок за поднесување на барањата е 18 септември 2023 година, а инвестициите што ќе бидат одобрени, мора да се реализираат до 31 мај. Барањето за исплата треба да се достави до 30 јуни, а потоа Платежната агенција во рок од шест месеци (до крајот на годината) има обврска да ги исплати средствата.
ИПАРД 2 повикот ќе се однесува на мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рубни производи. Новите инвестиции би биле за млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, вклучувајќи јајца и живина, овошје и зеленчук, житарки, мелнички и растителни производи, масла и животински масти,…, а финансиската поддршка е 75 отсто од ИПАРД и 25 проценти од државниот буџет. Финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна помош (грант) во износ од 50 отсто од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.
Во јавниот повик не се прифатливи инвестициите во градежни работи. Повикот е исклучиво наменет за набавка на опрема за преработки. Во однос на инвестициите поврзани со производството на енергија од обновливи извори, единствено прифатливи се инвестициите за набавка и инсталирање опрема за производство на енергија за сопствени потреби.
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, целта е максимално искористување на ИПАРД 2, „до последно евро“. Засега, како што вчера посочи, склучени се 2 369 договори, што е повеќе од вкупниот број договори во Србија, Албанија и Црна Гора заедно.