Излезноста на парламентарните избори во Грција заклучно со 16.15 часот изнесува 40,77 отсто, согласно официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи на Грција, надлежно за изборниот процес, јави дописничката на МИА од Атина.
Генералниот секретар во министерството Михалис Ставрианудакис соопштувајќи ги податоците на нешто повеќе од два и пол часа пред затворањето на гласачките места рече дека излезноста е за осум отсто помала во споредба со истиот период на изборите минатиот месец.
Следните податоци ќе бидат соопштени по завршувањето на гласањето.
Првите официјални резултати од денешните избори, Министерството за внатрешни работи се очекува да ги објави околу 20.30 часот по локално време.
Два часа претходно, штом се затворат гласачките места, медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н exit poll, кои доста често го најавуваат победникот.
На изборите минатиот месец излезноста беше 61,1 отсто наспроти 57,78 проценти на парламентарните избори пред четири година.