Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денес предупреди дека сезоната на пожари е далеку од завршена и го започна своето излагање пред Министерскиот совет изразувајќи длабока тага за пожарникарите кои вчера ги загубија животите борејќи се со пожарот.
„Сè уште имаме тешки денови пред нас“, рече Мицотакис, апелирајќи до граѓаните да покажат „најголема претпазливост“.
Мицотакис истакна дека државата им оддава почит на загинатите пожарникари, стои покрај нивните семејства и ги зајакнува своите акции за да може Грција поефикасно да се заштити од климатската криза, пренесува Катимерини.
Тој зборуваше и за големиот притисок што го трпат многу европски земји во моментов, истакнувајќи дека Франција и Шпанија се борат со големи пожари, на кои Грција им помага преку Европскиот механизам за цивилна заштита.
Во овој контекст, Мицотакис потсети и дека Грција презеде водечка улога во европскиот договор за рестартирање на производствената линија на противпожарни авиони „Канадер“, истакнувајќи дека првиот нов авион ќе биде испорачан во Атина во 2028 година, што ќе ја зајакне воздушната флота за гаснење пожари.
„Сè уште имаме тешки денови и традиционално тежок месец, август, пред нас. Навистина сакам да ги замолам сите наши сограѓани за максимална претпазливост. За жал, дури и денес, додека зборуваме, имаме многу пожари кои се предизвикани од груба небрежност“, рече Мицотакис и истакна дека според законот, оние кои предизвикуваат пожари строго се казнуваат, како што објави Танјуг.
Тој нагласи дека „државата ќе направи што мора, колку што е во нејзина моќ“, но и дека бара помош од сите граѓани, со цел што е можно повеќе да се ограничат негативните последици од пожарот од ова лето.