– Две години по прогласувањето со закон на Шар Планина за национален парк, вработените во оваа установа се соочуваат со низа предизвици, меѓу кои како најголемиот можеби се возилата и моторите на четири тркала. Неконтролираното движење треба да се регулира според планот за управување, а резултат од тоа треба да биде поспокојно место за дивите животни, но и зачувување на природната средина. Исто така, фрлањето отпадоци, нелегалното сечење дрвја, палењето огнови и слично се меѓу прашањата на кои и понатаму треба да се посветат вработените, но и да се зголеми јавната свест со цел најголемиот македонски планински масив да биде пристојно, чисто и уредено место, како што наликува на едно заштитено планинско подрачје.
Вработените во оваа јавна установа се луѓе со голем ентузијазам, нешто во што се уверивме кога ги посетивме и разговаравме со нив во нивните работни простории. Неодамна тие поставија информативни табли на кои пишува каде и зошто не смее да се оди со моторни возила. Главната насока е да има што е можно помалку возила односно да се намалат неприродните елементи во оваа разнолика шарпланинска природа. За луѓето кои живеат и имаат имоти во рамки на паркот има начини тоа да не биде проблем односно непречено да се движат.
– Целта е да се смири природа, дивечот да се заштити од вознемирување, па да се врати. Според нашите процени и планови што ги изработивме за управување со дивиот свет, се покажа дека нормалната популација на дивокозата е намалена на една третина од оптималната. Ако требало да има 300 имаме помалку од 100. Ако за рисот треба да имаме 20 единки, процената е дека имаме шест. Срната, ако требало да имаме неколку илјади има неколку стотици. И тоа е заради вознемирување, не само диволов. Во принцип тие патишта што водат до куќите и викендичките се дозволени за движење. Таму каде што има фреквенција, до селата, до викенд населбите, до имотите, таму не е забрането. На картата е одбележано каде смее да се движи, по кои не смее, објаснува за МИА Милорад Андријески, раководител на одделението за одржливо користење на природните ресурси.
Анела Ставревска-Панајотова, раководител на Одделението за заштита на природата, вели дека голема е површината на паркот, има и големи села, па потенцира дека во планот за управување со националниот парк, што е плански документ од десет години пишува дека движењето на моторните возила треба да се регулира.
-Тоа е многу голем ризик од штетни активности, дали се илегални, дали се недозволени, не е само илегални како кражба туку и штетни – како палење на оган, кој е ризик за ова планина и за ресурсите на планината и точно затоа е потребно да се регулира движењето. Тоа беше стартната точка од која почнавме да разговараме. Во зоната со строга заштита, најгорните делови од Шара не смее да има воопшто движење и затоа некои патишта не се дозволени. Картата го регулира движењето со моторни возила, на два начина, прво за посетителите-треба да знае ренџерската служба, кој влегува и излегува. Локалното население нема никаква пречка да стигне до својот имот или викенд куќа, доколку се најави, се регистрира во Националниот парк дека ќе оди таму и ренџерската служба ќе знае каде се движат тие луѓе, објаснува Ставревска-Панајотова.
Во моментот, голем предизвик со кој се соочуваат вработените се несовесните постапки на поединци со нивните мотори на две или четири тркала. Тие се причина и за уништување на ливади, шуми, но и за вознемирувањето што го прават поради силниот звук на моторите.
-Не само со мотори и овие со џипови што одат, секогаш наидуваме дека одзади нив оставиле трага, дека биле таму. Прават разни маневри со моторите и со џиповите, низ цела Шар Планина ги испробуваат способностите на тие машини. Потоа оставаат и смет. Населението од планинските села веќе бараат да нема движење со моторни возила по нивните села и тоа претежно во викендите. Цел ден бучат со тие мотори низ селата, Шипковица, Вешала, Бродец, Бозовце. Овие од Бозовце, еден пат кој досега бил затворен, сега пак го отворија за да не им влегуваат во селото, да одат над селото да не ги вознемируваат, објаснува за МИА директорот на Националниот парк, Ибрахим Дехари.
Моторите со четири тркала создаваат интензивен вознемирувачки звук кај дивечот, а станува збор за млади луѓе над 18 години, но и такви кои се на 30-40 години.
– Ние сакаме во зоните на строга заштита кај што не треба да ги вознемируваме, да не дозволиме движење на возила, за дивечот постепено да се врати. Дивиот свет меѓу другото не е потепан, туку е побегнат. Што на Косово, што во Маврово. Кога ќе најде свој мир ќе се вратат, пак ќе се населат. Тие со мотори (АТВ) не одат по патишта, туку одат по пасишта, кај ќе им текне. Го ораат теренот, прават штети на пасишта, ливади, шуми. Поентата не е ние некого тука да мачиме некого, туку да не се движат во тие зони каде што сакаме дивечот да го смириме, нагласува раководителот на одделението за одржливо користење на природните ресурси, Андријески.
Одлуката за забрана на возила е меѓу другото и за да се заштитат имотите на луѓето кои имаат проблем со неконтролираното движење.
– На пример виделе ливада. Не помислиле дека тоа е приватна имот. Тука вртат со моторите, си ги тестираат, колку силно може да оди, колку може да турираат, колку може да не се преврти, и резултатот е ова. Нормално, има жалби од луѓето, коишто имаат имот. Во контекст на заштита на тие имоти е и заштита на нивната шума. Сите тие патишта се потенцијален ризик по кој некој влегува, излегува, за да краде. Забраната е за да заштитат имотите, за да се заштити дивечот и да се заштити шумата-ресурсите од пожар, од загадување, ѓубре, вели раководителката на Одделението за заштита на природата Ставревска-Панајотова.
Вработените велат дека луѓето со мотори треба да учат од оние кои пеш се движат низ планината.
– Планинарот и пешакот не фрла. Тоа се претежно културни, едуцирани, совесни луѓе кои знаат дека не треба да се остави ѓубре. Овие со мотори, освен што прават штети, фрлаат смет од тоа што јадат, прават депонии. Планинарите дури помагаат да се чисти. Во неколкуте наши акции помагаа планинарите, додека ниту еден моторџија не дојде да помогне, не се ни јави, вели Андријески.
Директорот Дехари предупредува дека неконтролираното движење на овие мотори може во опасност да ги доведат и каптажите и системите за довод на водата за пиење од Шара кон Тетово и другите населени места.
– Мора да потенцирам дека на Шар Планина некои патишта се направени без никако одобрение и никаде не се регистрирани, и сега го гледаат како пат. Но тој е отворен само поради иницијатива на некој поединец или пак од некое село за некои нивни цели и интереси. И да потенцирам дека некои патишта, побрзаа да ги отворат пред да се прогласи Шара за национален парк, за да бидат патишта, но тоа мора да се промени, вели Дехари.
Паркот се простира на површина од 62 705 хектари и е богат е со шуми, пасишта, глацијални езера, водотеци и разновидна геоморфологија. За заштита на природните вредности и промоција на економскиот развој, во паркот се дефинирани четири зони – зона на строга заштита (26,56 проценти) зона на активно управување (49,06 проценти), зона на одржливо користење (22,02 проценти) и заштитен појас (2,37 проценти)
Александар Самарџиев