Козарската чума продолжува да се шири во Грција, владата воведе мерки за борба против болеста

koza.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Козарската чума, позната и како Peste des Petits Ruminants (PPR), продолжува да се шири во Грција откако минатиот месец беше откриен првиот случај, а владата воведе привремена забрана за движење или колење на овци и кози. Чумата зафати 22 фарми, главно во централна Грција, 12.000 животни беа еутанизирани, а повеќе од 30.000 беа тестирани, пренесува Ројтерс.


Вирусот не ги инфицира луѓето, но е многу заразен меѓу козите и овците и може да убие до 70 отсто од заразените животни. Кога ќе се открие случај на чума, потребно е да се убијат сите животни на фармата, што потоа се дезинфицира, а властите ги тестираат животните во блиските области за болеста, во согласност со протоколите на ЕУ.

Георгиос Стратакос, висок функционер во Министерството за земјоделство, рече дека вирусот е увезен, но дека се уште не е утврдено од каде. Тој нагласи дека забраната ќе трае до недела и потоа повторно ќе биде разгледана.

Владата бара компензација за оние кои изгубија добиток за време на уништувањето или беа погодени од забраната, додаде тој. Локалните фармери тврдат дека вирусот се шири во Грција затоа што ветеринарните клиники немаат доволно персонал и не ги почитуваат пропишаните медицински протоколи. Иако бројот на заразени животни сè уште не е критичен, расте загриженоста кај грчките фармери бидејќи тие истовремено се соочуваат со ефектите од климатските промени, како што се екстремните горештини и поплавите.

ППР првпат беше откриен во Брегот на Слоновата Коска во 1942 година и оттогаш се прошири во други африкански земји, како и во Азија и Европа. Агенцијата на Обединетите нации за храна и земјоделство проценува дека болеста секоја година на глобално ниво доведува до загуби до 2,1 милијарди долари, пренесува Танјуг.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK