Од денес, 15 октомври, започна грејната сезона 2024/2025 година, за потрошувачите што се приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, управуван од АД ЕСМ.
Според компанијата, испораката на топлинска енергија до потрошувачите ќе се врши во периодот од 6 ч до 22 часот, следејќи строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури.
Според овие правила, како што е нагласено во соопштението во октомври и првата половина од ноември, кога временските услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот.
„При тоа, доколку надворешните температури се пониски се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците
имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно со стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 односно 21 степен Целзиусов. Во исто време, со овие правила и дијаграми на испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на корисниците.
При точно дефинирани одредени атмосферски услови кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, се врши прекин на испораката на топлинската енергија, односно системот за централното греење се исклучува, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности по направениот дневен прекин на испорака на топлинска енергија, кога надворешните
дневни температури ќе се под одредени гранични вредности се стартува со испорака на топлинска енергија, т.е. централното греење повторно се вклучува“, се наведува во информацијата.
Од вкупно 62.579 активни потрошувачи што се приклучени на централното греење преку ЕСМ, 61.486 се домаќинства, а 1093 се деловни објекти и институции, додека околу 1980 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата ЕСМ-Енергетика.
„Важно е да потенцираме дека оваа година, првпат споредбено со претходните години бележиме најнизок број на затворени објекти на почетокот на грејната сезона. Ова се должи пред сè на соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици, како и на заложбата на новите раководства на компаниите основани од АД ЕСМ, особено ЕСМ Дистрибуција, која имаше клучна улога во продуктивната и постојана комуникација со корисниците“, истакнуваат од ЕСМ.