Бундестагот ја изгласа резолуцијата за поддршка на македонскиот јазик, култура и идентитет

bundestag
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Германскиот парламент – Бундестагот, со мнозинство гласови на пратениците од трите владејачки партии – Социјалдемократите, Либералите и Зелените синоќа ја изгласа резолуцијата со која се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура на патот на земјава кон членство во Европската Унија.

Резолуцијата не доби поддршка од опозициските партии, вклучително и од конзервативната Христијанско-демократска унија/Христијанско-социјална унија (ЦДУ/ЦСУ) на поранешната канцеларка Ангела Меркел, пренесе Дочје веле.


Резолуцијата пред пратениците ја претстави државната секретарка за Европа во германското МНР, Ана Лирман, која доаѓа од редовите на Зелените.

– Со оваа резолуција им оддаваме длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“, порача од говорницата Лирман.

Таа најави дека наскоро повторно, по четврти пат во последната година, ќе дојде во Скопје заедно со нејзините колеги од Франција и Полска во обид да се охрабрат уставните измени.

– Граѓаните ја губат вербата во ЕУ перспективата. Мора да ја вратиме довербата во ЕУ и да ги искористиме сите можности за да ги охрабриме нашите партнери во Северна Македонија, рече Лирман.

Нејзината порака е дека промената на Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив, го зајакнува мултиетничкиот карактер на државата.

– Тврдењата дека ова ќе го загрози идентитетот се погрешни. Вметнувањето дополнителни заедници во Уставот, напротив само ќе го зајакне мултиетничкиот карактер на државата која е пример за целиот регион, рече Лирман.

Двајца пратеници на опозициските сестрински партии ЦДУ/ЦСУ се изјаснија против резолуција. Кристоф Клос од ЦДУ го критикуваше владејачкото мнозинство затоа што ја издвојува Северна Македонија од останатите држави од регионот.

– Да се разгледува секоја земја од Западниот Балкан одделно не е целисходно, рече Клос и потсети дека поранешната германска канцеларка Ангела Меркел секогаш на регионот му пристапувала како на целина.

Во сличен тон, и Тобијас Винклер од баварската ЦСУ го критикуваше предлогот со кој се издвојува Северна Македонија и бараше да се прифати предлогот на неговата пратеничка група во која се бара поддршка за сите шест земји од За Балкан.

– Барате резолуција само за една земја, со лош тајминг, рече Винклер образложувајќи дека ситуацијата е „политичка чувствителна” во Северна Македонија и дипломатски сензитивна- алудирајќи на спорот со Бугарија. На крајот тој иронично им порача на пратениците од владејачкото мнозинство дека преведената резолуција е веќе објавена во македонските медиуми, па можат да се радуваат уште пред гласањето.

Социјалдемократот Јосип Јуратовиќ и либералот Томас Хакер одговорија на критиките од опозицијата со став дека секоја земја кандидат за членство во ЕУ секогаш се вреднувала поединечно, а не во група.

– ЕУ процесот е регата, и се вреднуваат индивидуалните постигнувања. Не може последниот да го чека првиот. Денеска се работи за искрената политика на проширување на ЕУ. Северна Македонија е кандидат од 2005 и сега е време. Сакаме сега да ја охрабриме Македонија со оваа резолуција. Македонската култура ќе ја збогати ЕУ, рече Јуратовиќ и побара од ЦДУ поддршка и влијание врз нивната сестринска партија ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, а од владата во Берлин да се залага во ЕУ за укинување на правилото за консензус и замена со квалификувано мнозинство затоа што, како што рече, „популистите тоа го злоупотребуваат“.

Маркус Фронмајер од десно-радикалната АФД го повтори партискиот став кој беше изнесен во посебна резолуција дека на земјите од Западниот Балкан не им е местото во ЕУ.

„Ја сакате Северна Македонија во ЕУ?!“, иронично порача Фронмајер. – Тоа е една корумпирана и нестабилна држава. Просечната социјална помош во таа земја е 50 евро месечно. Замислете таа земја да влезе во ЕУ и на два милиони луѓе да им дадеме пристап до нашиот социјален систем”.

За Фронмајер е спорно и барањето од резолуцијата според кое германската влада треба да помогне за енергетската независност на земјата.

– Со младинска невработеност од 40 проценти и секој петти жител кој живее под границата на сиромаштија, токму сончеви колектори се она што и треба на земјата, рече Фронмајер.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK