Буџетот за 2024 година е проектиран на 343,6 милијарди денари или 5,5 милијарди евра, а во 2024 година се очекува да забрза економскиот раст и да изнесува 3,4 отсто во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Премиерот истакна дека во Буџетот ќе има пари за зголемени плати, пензии, социјална помош и за сервисирање на обврските кон кредиторите. Најголем придонес, вели тој, ќе имаат бруто инвестициите од државата, а двигател на растот ќе биде и поддршката на приватниот сектор.
Стапката на инфлација се очекува да се стабилизира на 3,6 отсто во услови на стабилно ниво на цени на енергенси и храна. Во 2024 година се очекува раст на бројот на вработени на 2 отсто, додека номиналниот раст на платите е проектиран на 8,4 отсто.
Расходната страна е за 5,8% повисока од 2023 година, додека приходите се проектирани на 310,1 милијарда денари или 5,040 милијарди евра.
Премиерот најави дека капиталните расходи ќе бидат 733 милиони евра и дека „буџетот има изразена развојна компонента“, при што се планира инвестициски циклус за да економијата застане на здрави нозе.