Борел со лидерите на Западен Балкан: Вие сте интегрален дел од иднината на Европа, членството во ЕУ е на дофат, под услов да се спроведат клучните реформи

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, беше домаќин на лидерите на Западен Балкан, на неформалниот состанок во Њујорк во средата, потврдувајќи ја посветеноста на ЕУ за поддршка на Западен Балкан во нејзината европска патека.



Како што се наведува во соопштението за печатот на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), на средбата одржана на маргините на Генералното собрание на ОН, Борел истакнал дека проширувањето останува главен приоритет на ЕУ.

Тој истакна дека Западен Балкан е интегрален дел од иднината на Европа и ја нагласи важноста и силата на односот меѓу ЕУ и Западен Балкан и повтори дека членството во ЕУ е на дофат, под услов клучните реформи да се спроведат со обновен фокус.

Средбата беше и можност, како што се наведува, „да се потсетиме на потребата од решавање на постоечките билатерални спорови“.

„Високиот претставник Борел ја истакна важноста на добрососедските односи постигнати преку дијалог и компромис како суштински чекори кон интеграцијата во ЕУ. Лидерите мора да донесат храбри, стратешки одлуки за да ги унапредат своите европски аспирации“, соопшти ЕЕАС.

Борел и лидерите на Западен Балкан разговараа за важноста од зајакнување на отпорноста, нагласувајќи ја потребата од стратешко усогласување со ЕУ со цел да се зачува регионалната стабилност.

Во исто време, во соопштението се објаснува дека ваквиот годишен собир ја одразува „посветеноста на ЕУ за нашето партнерство со Западен Балкан – нашите идни земји-членки“, пренесува Танјуг.

Средбата служи и како можност за размена на мислења за прашања од заеднички интерес, надвор од проширувањето, за прашања од глобалната безбедност и стабилност.

Во соопштението за печатот се истакнува дека дискусијата била фокусирана на итните геополитички предизвици и, како што се наведува, „особено на штетното влијание на руската агресија врз Украина и напорите на Кина да го прошири своето економско влијание“.

Во соопштението се наведува дека на средбата присуствувале: претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, потпретседателот на Владата на Црна Гора за надворешни и европски прашања Филип Ивановиќ, како и претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK