Најмалку 13 лица загинаа, а околу 50 се повредени откако патнички воз се судри вчера во индиската сојузна држава Андра Прадеш, јави Би-Би-Си.
Официјални лица соопштија дека три вагони од патничкиот воз, на релација Висахапатнам – Паласа, излетале од шините околу 19 часот по локално време, откако се судриле со друг воз.
Возот застана на шините поради пукање на надземниот кабел кога друг патнички воз што сообраќал на линијата Висахапатнам – Рајагадеа налетал во него од задната страна, изјави претставник на железницата. Стотици амбулантни возила, лекари, медицински сестри и спасувачки персонал биле испратени на местото на настанот за да ги спасат патниците и да ги извлечат телата.
Бисвајт Саху, шеф за односи со јавноста на железницата на источниот брег, рече дека судирот бил предизвикан од човечка грешка. Тој додаде дека 33 возни линии биле прекинати, а други 22 биле пренасочени по несреќата.
Претставниците на железницата очекуваат пругата да се расчисти за да продолжи сообраќајот. Индија има една од најголемите железнички мрежи во светот, која ја користат милиони патници секој ден, но голем дел од железничката инфраструктура треба да се подобри.