Северна Кореја предупреди дека ќе продолжи да ги остварува своите суверени права, кои вклучуваат лансирање сателити и испраќање дополнителни војници и оружје во демилитаризираната зона на границата со Јужна Кореја, пишува Ројтерс.
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја соопшти дека лансирањето на сателитот минатата недела било поттикнато од потребата да се следат Соединетите Американски Држави и нивните сојузници, објави државната новинска агенција „КЦНА“.
„Лансирањето е легално и го претставува правото на самоодбрана, на темелна реакција и прецизно следење на сериозните воени дејства на САД и нивните следбеници“, пренесува „КЦНА“.
Пјонгјанг рече дека сателитот влегол во орбитата и дека испраќа фотографии, додека Јужна Кореја соопшти дека не може да ја потврди оваа информација.
Акциите на Северна Кореја го натераа Сеул привремено да го суспендира воениот договор меѓу двете земји потпишан во 2018 година, по што беа забележани војници од северната страна на границата како обновуваат урнати стражарски пунктови и внесуваат опрема во демилитаризираната зона.
САД свикаа состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за да разговараат за лансирањето на сателитот, што Америка го осуди.
Русија и Кина, постојани членки на Советот за безбедност, одбија да воведат нови мерки против Пјонгјанг, и покрај тестирањето на балистичка ракета од страна на Северна Кореја, а ниту Москва ниту Пекинг не дадоа никакви изјави за тоа минатата недела, пренесува Танјуг.