Украинскиот претседател Володимир Зеленски, за време на посетата на Даблин, изјави дека Украина ги исполнила сите услови за отворање на преостанатите пет преговарачки кластери со Европската Унија и изрази надеж дека тоа ќе се случи наскоро.
„Направивме сè што е потребно. Сметам дека е во интерес на сите земји Украина што побрзо да стане членка на ЕУ“, рече Зеленски, додавајќи дека очекува поддршка и од владите на Унгарија и Полска.
Ирскиот премиер Мајкл Мартин порача дека украинскиот народ заслужува членство во ЕУ и најави дека Ирска ќе работи на постигнување консензус за отворање на преостанатите кластери.
Зеленски повика и на нови санкции против Русија, вклучително и против европски компании кои, како што рече, работат за Москва или се под контрола на санкционирани руски олигарси. Тој нагласи дека треба да се направи сè за да ѝ се отежне на Русија продолжувањето на војната.