Зеленски во Белата куќа ќе му го претстави својот план на Бајден

zelenski-bajden-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, треба да му го открие својот „план за победа“ на американскиот претседател, Џо Бајден. Киев очекува силна поддршка од американскиот лидер пред Зеленски да ја напушти Белата куќа.



Како што пренесува „Би-Би-Си“, висок функционер во Киев изјавил дека сакаат „Бајден да испише историја“ во неговите последни месеци на функцијата.

Иако Киев сè уште ги чува деталите од планот во тајност, стратегијата најверојатно ќе вклучува молби за понатамошна воена и финансиска поддршка, како и безбедносни гаранции за иднината. Зеленски вели дека планот е дизајниран како „мост“ за ставање крај на војната, за која верува дека може да заврши побрзо отколку што мислат луѓето.

Доколку Западот ја зајакне позицијата на Украина, тврди Зеленски, рускиот претседател Владимир Путин би можел да биде принуден на дипломатско решение на конфликтот.

„Оваа војна не може да се реши со преговори. Потребна е акција“, рече Зеленски доцна синоќа пред Советот за безбедност на ОН.

Украинскиот претседател, исто така има за цел да се соочи со критичарите во САД кои ја доведуваат во прашање одлуката да се даваат дополнителни пари во Украина и да се промовира план за конечен мир.

Зеленски почна голема дипломатска офанзива во изминатите неколку дена во Обединетите нации. Така зборуваше завчера на дебатата за реформирање на ОН. Тој вчера се обрати пред Советот за безбедност, а денеска ќе одржи говор на Генералното собрание.

Во меѓувреме, тој се среќава со светски лидери и американски политичари. Ја посети фабриката за муниција во Скрентон, родниот град на Џо Бајден во Пенсилванија, која произведува гранати за украинската артилерија.

Тој е многу јасен за една работа – времето е кратко. Во едно од неговите бројни интервјуа, Зеленски рече дека планот за победа мора да се прифати, а Украина мора да зајакне и тоа во следните три месеци.

„Овој план е дизајниран првенствено имајќи ја предвид поддршката на Бајден“, изјави тој за Њујоркер. Таа поддршка во никој случај не е загарантирана, но Зеленски ги фрли сите карти на неа, посочува Би-Би-Си во анализата.

Причината е едноставна – ситуацијата значително ќе се промени доколку Доналд Трамп победи на изборите. Поранешниот претседател на предизборна средба пред неколку дена го исмејуваше Зеленски како „најголемиот бизнисмен во историјата“ затоа што „секогаш кога ќе дојде во оваа земја си заминува со 60 милијарди долари“.

Трамп го повтори својот став дека ќе ги покани Русија и Украина на договор за ставање крај на војната, за која Киев стравува дека ќе ги натера да прифатат територијални загуби, без да добијат никакви гаранции против натамошната руска агресија.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK