Унгарскиот премиер Виктор Орбан и украинскиот претседател Володимир Зеленски влегоа во дебата на социјалната мрежа Икс.
Да потсетиме дека Орбан вчера објави дека му се јавил на рускиот претседател Владимир Путин и разговарал со него.
„Зборував со претседателот Путин еден час: ова се најопасните недели од руско-украинската војна. Го преземаме секој можен дипломатски чекор со цел прекин на огнот и мировни преговори“, напиша Орбан.
И Кремљ потврди дека двајцата лидери разговарале телефонски, додавајќи дека повикот бил инициран од канцеларијата на Орбан.
Зеленски брзо реагираше на информациите за разговорот на Орбан со Путин.
„Сите се надеваме дека Орбан барем нема да му се јави на Асад во Москва за да го слуша неговото едночасовно предавање. Апсолутно е јасно дека за постигнување вистински мир и загарантирана безбедност потребна е американска одлучност, европско единство и непоколеблива посветеност на сите партнери на целите и принципите на Повелбата на ОН“, рече Зеленски.
„Никој не треба да го зајакнува својот личен имиџ на сметка на единството. Сите треба да се фокусираат на заедничкиот успех. Единството во Европа отсекогаш било клучно за постигнување успех. Без Украина не може да има дискусија за војната што Русија ја води против Украина. Благодарен сум на Трамп и на многу европски лидери со кои веќе работиме на изнаоѓање вистински и силни решенија за вистински мир“, додаде тој.
Потоа Орбан повторно одговори. „На крајот од унгарското претседавање со Европската унија, направивме нови напори за мир. Предложивме божиќен прекин на огнот и голема размена на затвореници. Жално е што претседателот јасно го одби и го исклучи овој предлог. Направивме се што можевме“, нагласи унгарскиот премиер.